Почитувањето на Договорот од Преспа е неопходен предуслов за во некој момент да се отвори европски пат на соседната земја, рече грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на прес конференцијата по завршувањето на Самитот на ЕУ во Брисел и уште еднаш ја истакна потребата да се почитуваат меѓународните договори.
На новинарско прашање дека премиерот Христијан Мицкоски во Брисел говорел за Македонци и Македонија, Мицотакис коментираше дека пред него, односно на Самитот и на состанокот на Европската народна партија, „го користеше официјалното и единственото име на земјата“.
-Пред мене, односно на средбата што ја имавме вчера на Самитот, но и утринава кога се сретнавме заедно во контекст на подготвителниот состанок на Европската народна партија, тој го употреби официјалното и единствено име на државата, кое е „Северна Македонија“.