Осомничениот за вооружените напади во кои беа убиени осум лица во западна Турција се претставил како припадник на турската разузнавачка служба за да одземе автомобил при бегството. Тоа го раскажа 19-годишниот возач на автомобилот, кој со пријател бил во близина на браната Чаторен во провинцијата Ескишехир.
Според неговиот исказ за турските медиуми, осомничениот Ариф Сефа Оздемир им рекол дека е од Националната разузнавачка служба МИТ и почнал да го претресува возилото. Им ги одзел телефоните, а под закана со оружје го зел автомобилот. Двајцата млади подоцна успеале да повикаат помош.
Возилото заглавило во кал, по што Оздемир продолжил пеш и, според турските медиуми, одзел уште едно возило. Безбедносните сили го фатиле во Ескишехир. Судот му одредил притвор.
Пукањата се случија на 5 ноември на три локации во провинцијата Афјонкарахисар. Меѓу осумте жртви се и две наставнички. Едно лице е тешко повредено.
