Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Петгодишно девојче и 19 новороденчиња починале за шест месеци – СДСМ бара оставка од Таравари

Статистиките за смртноста на деца во изминатите шест месеци се загрижувачки, изјави денеска на прес-конференција Рената Младеновска, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

„Во втората половина на 2024 година починале 19 доенчиња и едно петгодишно девојче. Овие трагични бројки бараат одговори од јавноста,“ рече Младеновска. Таа истакна дека овие случаи отвораат сериозни прашања за работата на здравствениот систем и праша како и зошто биле направени пропустите, дали се штитат лекарски грешки и каде точниот систем затаил.

„Особено алармантен е последниот случај на седуммесечно бебе на Клиниката за детски болести, кое било одбиено за хоспитализација без објаснување. Ова е втор ваков случај за само два и пол месеци, по трагичната смрт на 14-месечно бебе, кое исто така било одбиено за болничко лекување. Дополнително, бебе старо само 8 дена, донесено од Струмица, почина од сепса,“ додаде Младеновска.

Таа нагласи дека ваквите трагедии не смеат да се игнорираат и дека СДСМ инсистира на темелна истрага, целосна транспарентност и сериозна одговорност од надлежните институции. „Потребни се подлабоки анализи и превентивни мерки. Не можеме да чекаме да умираат деца и тогаш да реагираме. Ги повикуваме Министерството за здравство и сите надлежни да преземат итни мерки за превенција на ваквите трагедии,“ истакна таа.

Младеновска, исто така, потсети на постигнувањата на СДСМ во намалувањето на смртноста кај новороденчињата. „Во 2016 година, смртноста кај новороденчињата беше 25%, а до 2023 година таа се намали на 5%. Неонаталната смртност беше намалена за 5 пати – од 6,8% во 2015 година до само 1,4% во 2022 година. СДСМ вложуваше во модерна опрема, инкубатори, респираторни машини и стручен кадар,“ додаде таа.

„Сега е загрижувачки да видиме како повторно расте ризикот за новороденчињата и децата. Граѓаните заслужуваат здравствен систем кој функционира превентивно, одговорно и во интерес на здравјето на нивните деца. Здравјето на мајките и новороденчињата мора да биде императив,“ заклучи Младеновска на прес-конференцијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен