Безбедносни извори од Саудиска Арабија тврдат дека тие ја предупредиле Германија за осомничениот за терористичкиот напад синоќа на Божиќниот пазар во Магдебург.
„Саудиска Арабија побара екстрадиција на осомничениот, именуван според германските закони како Талеб А., но Германија не одговори“, велат изворите, а пишува германската новинска агенција ДПА.
Германските власти биле известени за мажот пред околу една година, дознава ДПА, но природата на предупредувањето засега е непозната.
Приведениот е 50-годишен лекар, кој бил познат како активист кој го критикува исламот и ја поддржува крајно-десничарската партија Алтернатива за Германија. ДПА дознава дека поднел барање за азил во февруари 2016 година и дека добил статус на политички бегалец во јули истата година.
На комеморацијата за жртвите од смртоносниот инцидент со автомобил на божиќниот пазар во Магдебург што ќе се одржи вечер во градот ќе присуствува германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.