Божиќните празници во САД неразделно се поврзани со купување подароци и празничен шопинг. Деновите околу 25 декември, кога се слави Кристмас, најважниот празник во земјата, се период на интензивна купувачка треска.
Според истражување на Националната федерација за малопродажба (NRF), оваа година околу 157,2 милиони Американци биле дел од предпразничниот шопинг на „супер сабота,“ ден кој важи за една од последните шанси за купување пред празникот. Ова претставува зголемување од 15 милиони во однос на истиот ден минатата година.
„Супер сабота е клучен момент за многу потрошувачи да ги завршат своите празнични листи,“ истакна Кетрин Кален, потпретседателка на NRF. Таа додаде дека пократкиот период меѓу Денот на благодарноста и Божиќ оваа година ги мотивира купувачите да ги искористат специјалните попусти и промоции во последните денови пред празникот.
Оваа година, 69,5 милиони луѓе планирале да купуваат лично во продавниците и онлајн, што е значително повеќе од минатогодишните 58,3 милиони. Од нив, 49,4 милиони купувале исклучиво во физички продавници, додека 38,2 милиони се одлучиле за онлајн шопинг, што е значителен пораст во однос на минатата година.
Повеќе од половина од потрошувачите ја завршуваат купувачката недела пред Божиќ, а најчестите дестинации се онлајн продавниците (49%), стоковните куќи (37%), дисконт продавниците (27%) и продавниците за облека и аксесоари (25%).
Најпопуларните подароци вклучуваат облека и аксесоари (50%), играчки (32%), подарок-картички (26%), книги, видео игри и медиуми (24%), како и производи за лична нега и убавина (24%).
Дури и по 25 декември, купувачката треска продолжува – 71% од потрошувачите планираат да ги искористат празничните попусти, да потрошат добиени гифт-картички или да заменат добиени подароци.