Турската војска уби 21 курдски милитант во северна Сирија и Ирак, соопшти денеска Министерството за одбрана.
Министерството објави дека 20 милитанти од Курдистанската работничка партија (ПКК) и милитантите на сириските Курди, ЈПГ, кои се подготвувале за напад, биле убиени во северна Сирија, а еден милитант бил убиен во северен Ирак.
„Ќе продолжиме со нашите операции ефективно и решително“, додаде Министерството.
ПКК, која Турција, Европската Унија и Соединетите Американски Држави ја прогласија за терористичка организација, почна вооружен бунт против турската држава во 1984 година, а повеќе од 40.000 луѓе загинаа во конфликтот.
По падот на сирискиот претседател Башар ал-Асад претходно овој месец, Анкара инсистира ЈПГ да се распушти тврдејќи дека групата нема место во иднината на Сирија.
Продолжуваат непријателствата во североисточна Сирија меѓу сириските фракции поддржани од Турција и ЈПГ. Анкара редовно изведува прекугранични воздушни напади и воени операции насочени кон ПКК, која има бази во планинските региони на северен Ирак.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска предупреди дека курдските бунтовници во Сирија или ќе го остават оружјето или „ќе бидат погребани со нив“.
Тој исто така рече дека Турција наскоро ќе отвори конзулат во Алепо и додаде дека Анкара очекува зголемување на граничниот сообраќај во летото следната година, кога поголем број сириски бегалци ќе почнат да се враќаат во својата земја, пренесува Ројтерс.