Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Земјоделците да ги преземат овие мерки за да ги заштитат пластениците, доаѓаат обилни врнежи од дожд и снег

По најавите на УХМР за врнежи од дожд и снег во наредните денови, агрометеоролозите препорачуваат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции. Треба, велат, да се расчистат и одводните канали за полесно одлевање на површинските води. 

Експертите ги потсетуваат производителите кои одгледуваат ран зеленчук во заштитено подрачје дека треба превентивно да реагираат.

Првата мерка, но не и најважна, која треба да се земе предвид е да се покрие заштитеното подрачје со двојна фолија на надувување.

Воздушниот слој помеѓу двете фолии треба да биде од 15 до 25 см. Во вака опремена стаклена градина, температурата е многу попријатна за младите растенија, но и за постарите, бидејќи во зима е значително повисока од надворешната, а во лето, кога гори сонцето, попријатно е да се остане во стаклена градина отколку на отворено поле. Двојната фолија не само што е добра за растенијата, туку и ја зачувува стабилноста и безбедноста на конструкцијата на стаклена градина.

  • Надуената фолија може многу подобро да го издржи товарот од снегот и подобро издржува силен ветер – укажуваат експертите – Загубите на енергија во пластеници покриени со двојна фолија се за околу 40 проценти помали отколку во пластеници покриени со една фолија.

Врнежите, сепак, оценуваат агрометеоролозите, се добредојдени, го зголемуваат полскиот воден капацитет кај сите земјоделски култури. Појавата на снег на планините исто така ги зголемува резервите на вода кои би ги подобриле хидролошките услови.

-Ова е период од годината кога есенските култури, лозовите насади и овошките се во фаза на зимско мирување. Животните функции (дишење, транспирација) се сведени на минимум, но не се прекинати. Коренот кај овошните видови црпи извесна количина вода за одржување на тургорот во круната. Во овој период овошките бараат одредена сума ниски температури за да можат нормално да вегетираат во идната година, објаснуваат агрометеоролозите.

Според УХМР, под влијание на влажен бран, утре попладне во западните делови ќе има врнежи од дожд на пониските места и снег на планините. Во текот на ноќта кон сабота и во сабота претпладне врнежите ќе се прошират во поголем дел од земјата и наместа ќе бидат пообилни (20 л/м2). Поради спуштање на постудена воздушна маса со засилен северен ветер врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и на некои од пониските места. На планините снежната покривка ќе се зголеми, а помала снежна покривка ќе се формира и на некои од повисоките места. 

Зачлени се на нашиот е-билтен