Основното јавно обвинителство во Битола започна истрага во врска со фотографијата на заменик-директорот на „Македонија пат“, Сашо Дранго, кој позира со застрелана мечка. Фотографијата беше споделена од Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“, кое тврди дека животното било жртва на незаконски лов. Здружението најави поднесување кривична пријава и побара одговорност од Дранго.
„По објавите во медиумите, отворен е предмет и започната е постапка за утврдување на сите околности. Обвинителството ќе побара од Здружението ‘Анима Мунди’ да достави материјали, како и евентуални пријави поднесени до МВР или други надлежни институции“, информираа од обвинителството.
Дранго во изјава за медиумите ги негираше обвинувањата, тврдејќи дека мечката загинала во сообраќајна несреќа на патот Битола-Ресен, а тој и неговите колеги од „Македонија пат“ ја тргнале од коловозот. Според неговите зборови, фотографијата беше направена во тој контекст.
Истражните органи ги разгледуваат сите факти и наводи за да утврдат дали има елементи на кривично дело.