Летонската авиокомпанија airBaltic објави дека ќе ја суспендира летната сезона на пет рути во поранешните Југословенски земји, поради неочекувани доцнења и продолжени процеси на одржување на мотори од страна на добавувачот Pratt & Whitney. Рутите кои ќе бидат суспендирани се од Рига до Белград, Приштина и Скопје, како и од Вилнус и Талин до Дубровник.
Од авиокомпанијата соопштуваат дека вкупно ќе бидат прекинати 19 рути, а 4.670 летови за летната сезона 2025 ќе бидат откажани. Додека некои рутите ќе имаат намалена фреквенција, се проценува дека 67.160 патници ќе бидат директно погодени од овие промени.
Од Рига, освен летовите за Југославија, ќе бидат суспендирани и рутите за Абередин, Клуж-Напока, Ереван, Гетеборг, Миконос, Ржешов и Ставангер. Од Вилнус ќе бидат откажани летовите до Ибица, Родос, Кишинев, Тел Авив и Валенсија, додека летовите до Хамбург од Талин ќе бидат прекинати.
„АirBaltic“ во своето соопштение наведе дека се соочува со надворешни фактори, како што се глобалните проблеми со синџирите на снабдување и ограничените можности за одржување, кои влијаат на нормалното функционирање на авиокомпанијата. Тие се извинија за нарушувањата и ги уверија патниците дека ќе добијат поддршка преку опции за препрограмирање на летовите или целосен поврат на средствата.
„Како и многу други авиокомпании низ светот, airBaltic се соочува со надворешни фактори кои не може да ги контролира. Авиокомпанијата длабоко жали поради нарушувањата што ги предизвикаа овие принудени откажувања и останува целосно посветена на поддршка на погодените патници“, велат од авиокомпанијата.
Претходно, airBaltic ја опиша својата експанзија на Балканот како значаен чекор за поврзување на Балтичките и Нордиските земји со Балканот. Сезонските летови за Белград беа воведени во 2023 година, додека летовите за Приштина и Скопје беа започнати минатата година. Иако авиокомпанијата првично имаше планови за одржување на сите три рутите, на крајот ги суспендираше, заедно со летовите за Дубровник, поради техничките проблеми со моторите.