Од здружението за заштита на животните „Анима мунди“ реагираат на објавената фотографија на заменик-директорот на „Македонијапат“, Сашо Дранго, каде што позира со застрелана мечка, строго заштитен вид во Македонија. Според нив, отворањето на случај од страна на битолското Обвинителство е позитивен чекор, но инсистираат на итна и транспарентна разрешница.
Од „Анима мунди“ посочуваат дека: Во полицискиот билтен за декември нема евиденција за сообраќајна несреќа со мечка. Законските процедури за вакви случаи строго ја вклучуваат МВР.
Мечката е фотографирана во шума, што отвора сомнеж дека е неодамна застрелана.
„Толку големо животно не може да се преместува за фотографирање, освен ако е свежо убиено. Бараме брза и ефикасна истрага, како и најстрога казна за одговорните,“ велат од здружението.
„Анима мунди“ бара проверка дали во декември е пријавено убиство на мечка во надлежните институции и дали некој се обидел да го прикрие случајот. Дополнително, се бара од министерот за внатрешни работи јасен одговор:
-Дали Сашо Дранго има активна забрана за поседување оружје?
-Дали снајперот на фотографиите е законски поседуван?
„Дранго преку своите постапки ја инволвира и институцијата каде што е функционер. Не смееме да дозволиме ваквите случаи да останат несанкционирани,“ заклучуваат од „Анима мунди“.