Додека пожарот во Палисадес почна брзо да се шири во вторникот вечерта, агентот за недвижности во Лос Анџелес Кит Васерман упати итен апел на социјалните мрежи: „Дали некој има пристап до приватни пожарникари за да го заштити нашиот дом во Пацифик Палисадес? Треба да дејствуваме брзо. Сите соседни домови горат. Ќе платам секаква сума“.
Сега избришаната објава предизвика негативни реакции кај корисниците на социјалните мрежи, кои сметаат дека богатите не треба да добиваат посебен третман во вакви ситуации, пренесува CNN.
Според американските медиуми, некои жители на Лос Анџелес плаќаат илјадници долари за да ги обложат домовите со гелови против оган, додека други инвестираат во приватни хидранти за да можат да гаснат пожари во близина на нивните имоти.
И покрај бурните реакции поради изјавата на Васерман, повеќето приватни пожарникари не работат за богати поединци, изјави за Си-Ен-Ен пожарникар Мајк Статс од Сомерсет, Калифорнија. Наместо тоа, тие најчесто работат со осигурителни компании кои се обидуваат да ги заштитат скапите домови за да избегнат големи штети.
Тим Бауер, постар потпретседател во службата за обновување на штети од пожари, Allied Disaster Defense, рече дека по првите три дена од пожарот во Пацифик Палисадес, имал листа на чекање од најмалку 200 луѓе на кои итно им биле потребни услугите на неговата компанија. Бауер изјави дека компанијата ги премачкува имотите со истиот огноотпор кој се користи во авионите за гаснење пожари.