Кинески компании, со поддршка од властите, покажуваат интерес за фабриките на „Фолксваген“ во Германија, кои се наоѓаат на списокот за затворање, објави „Ројтерс“. Иако досега кинеските инвестиции во Германија беа фокусирани на телекомуникации, роботика и други индустрии, но сѐ уште не вклучуваат производство на традиционални автомобили па на овј начин Кина сака да го зголеми своето влијание во престижната германска автомобилска индустрија, дом на светски познати брендови.
Производството во Германија би им овозможило на кинеските производители на електрични возила да избегнат високите царини кои ЕУ ги наплаќа за увоз на електрични автомобили од Кина. Овој потег би можел дополнително да ја ослаби конкурентноста на европските производители.
„Фолксваген“ размислува за продажба на фабриките во Дрезден и Оснабрик како дел од стратегијата за намалување на трошоците. Портпаролот на компанијата изјави дека приоритет е да се најде одржливо решение кое ги штити интересите на компанијата и вработените.
Сепак, германските синдикати, кои играат значајна улога во управувањето на компаниите, бараат гаранции за работните места. Претставникот на синдикатите од Оснабрик, Стефан Солдански, изјави дека работниците се отворени за производство за кинески партнери, но само ако тоа се одвива под логото и стандардите на „Фолксваген“.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека германската страна треба да обезбеди фер и праведна клима за инвестиции од кинеските компании.
Продажбата на фабриките би можела да биде поевтина опција за „Фолксваген“ отколку целосно затворање, при што вредноста на овие фабрики се проценува меѓу 100 и 300 милиони евра.
Сепак, ниту „Фолксваген“, ниту премиерот на Долна Саксонија, Стефан Веил, кој е член на надзорниот одбор на компанијата, не дадоа коментар за ова прашање.