На вториот ден од посетата на Црна Гора, европската комесарка за проширување Марта Кос пристигна во Цетиње, каде оддаде почит на жртвите од трагедијата во која беа убиени 13 лица, вклучувајќи две деца.
Како што известува репортерот на „Ал Џазира“, Предраг Томовиќ, комесарката Кос заедно со градоначалникот Никола Ѓурашковиќ запали свеќи пред Ловќенската вила и изрази сочувство до семејствата на жртвите.
Таа изјави дека Европската унија ќе продолжи да стои зад граѓаните на Цетиње и дека со црногорските власти ќе работи заеднички на решавање на предизвиците, како што е нелегалната трговија со оружје, како и на поттикнување на економскиот и социјалниот развој на градот.
На првиот ден од 2025 година, жителот на Цетиње, Ацо Мариновиќ, уби 12 лица, меѓу кои две деца, и тешко повреди четири лица, по што си го одзеде животот. Од Клиничкиот центар на Црна Гора соопштија дека три од повредените лица се опоравуваат, додека четвртото лице со повреди на главата покажува знаци на подобрување.
По трагедијата, во Црна Гора беше прогласена тридневна жалост, а сите планирани новогодишни и божиќни јавни настапи беа откажани.