Семејството на близначињата кои починаа во Прилеп на само 20 дена од раѓањето живеело во прилепското село Славеј, а според јавниот обвинител Стевчо Биноски од Основното јавно обвинителство Прилеп, кој наредил обдукцијата, новороденчињата биле во тешка здравствена состојба.
Биноски вели дека семејството викнало итна помош која штом пристигнала констатирала смрт кај едното бебе. Другото бебе, додава Биноски, во тешка состојба било префрлено во прилепската болница каде што починало.
„Семејството живее во екстремно лоши услови и има уште три деца. Наредив обдукција за да се утврди причината за смртта на новороденчињата. Известени се надлежните, меѓу кои и Центарот за социјални работи од Прилеп“,вели Биноски во изјава за МИА.
Од Општата болница со „Борка Талески” во Прилеп преку соопштение споделија детали за трагичната смрт на новородените близначиња, кои биле донесени во премрзната состојба и дехидрирани.
На 30 декември 2024 година, мајка родена во 2001 година, при нејзината четврта бременост, роди недоносени близначиња во 34-та гестациска недела. Машкото новороденче тежело 1970 грама, а женското 1780 грама. На 10 јануари 2025 година, на барање на мајката и со нејзин потпис, децата биле испишани од болницата.
На 16 јануари, во 10:45 часот, женското новороденче било донесено во одделението за детски болести во критична здравствена состојба како резултат на премрзнување. Според достапните информации, машкото новороденче претходно починало дома од истата причина, стои во соопштението на болницата.
По приемот, веднаш биле преземени интензивни медицински интервенции: реанимација, интубација, поставување во топли ќебиња и дополнителни мерки за затоплување. Сепак, и покрај сите напори на медицинскиот персонал, здравствената состојба на женското новороденче продолжила да се влошува. Во 13:00 часот, за жал, била констатирана неговата смрт.
Од болницата изразија длабоко жалење за трагичната загуба и нагласија дека остануваат посветени на обезбедување најдобра можна грижа за сите пациенти.