Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Светска банка предупредува: Можни се трговски тензии во 2025

Светската банка предупредува на можноста за ескалација на трговските тензии меѓу големите економии во текот на 2025 година, што може да има сериозни последици врз глобалната економија. Според проекциите, глобалниот економски раст оваа година се очекува да изнесува 2,7 отсто, со слична стапка во 2026 година, што е недоволно за поддршка на одржлив економски развој.

„Оваа стапка е нешто со кое светот може да живее, но не е доволна за значително подобрување на животниот стандард, особено во посиромашните земји“, изјави заменик-главниот економист на Светска банка, Ајхан Косе, за Би-Би-Си.

Извештајот на Светската банка идентификува неколку клучни ризици за економскиот раст, вклучувајќи политичка несигурност, трговски политики, геополитички тензии, висока инфлација и природни катастрофи поврзани со климатските промени. Особено внимание се посветува на влијанието од можни повисоки царини за увоз во САД, што би можеле да бидат имплементирани од администрацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп.

Според Косе, ако САД воведат царини за увоз кои ќе ги зголемат за 10 отсто, глобалниот економски раст може да се намали за 0,2 отсто, дури и без реципрочни мерки од другите земји. Доколку другите економии одговорат со сопствени царини, ефектот врз глобалната економија би бил уште посериозен.

„Секое трговско ограничување носи негативни последици, најчесто врз земјата што го воведува“, додаде Косе, истакнувајќи дека ваквите мерки ги усложнуваат условите за економски напредок.

Глобалниот економски раст пред пандемијата во просек изнесуваше повеќе од три проценти годишно, но тековните прогнози укажуваат на намалување на ова темпо на подолг рок. Косе изрази загриженост дека ваквиот тренд ќе го ограничи подобрувањето на животниот стандард ширум светот.

Дополнително, извештајот укажува дека задржувањето на високите каматни стапки подолг период може да создаде нови предизвици за економиите кои веќе се борат со постпандемиските ефекти.

Светската банка повикува на координирани глобални напори за адресирање на овие проблеми и за спречување на поголеми економски потреси во иднина.

Зачлени се на нашиот е-билтен