Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Бреда Мулец: Влезот на Словенија во ЕУ пополека ја смени еколошката свест на граѓаните

Во последните неколку години се промени свеста кај луѓето во Словенија во врска со екологијата и животната средина, но најмногу влијание имаше приклучувањето кон европската заедница, бидејќи тогаш моравме да усвоиме многу ЕУ регулативи, рече професорката Бреда Мулец во интервју за ЦИВИЛ медиа.

-Ние ги користевме ЕУ фондовите кои ни помогнаа да направиме сериозни проекти, во период од седум години добивме од 3 до 5 милијарди евра, пари кои ги искористивме за инфраструктурни проекти, градевме водоводи, прочистителни станици, центри за управување со отпад, вели Мулец.

Таа појаснува дека доколку не се имплементираат овие промени, ЕУ би ја задолжило Словенија со многу високи казни, а граѓаните пак доколку не постапуваат согласно законите имплементирани во домашното законодавство исто така би се соочиле со казна.

Таа појасни дека секој дом или зграда има различни канти за отпадоци, за пластика, био отпад и дека граѓаните навистина ги почитуваат овие правила.

-Ние како земја застапници вклучени сме и во циркуларната економија, што значи да се употребуваат материјали од кои останува помалку отпад, додава таа

На Македонците Мулец им порачува да бидат малку повеќе свесни бидејќи животната средина е навистина потребна за да живееме квалитетен живот бидејќи многу луѓе во светот умираат поради загадениот воздух.

Таа беше предавач и учесник на меѓународната конференција „Предизвици на идентитетот, културното наследство, одржливиот развој или туризмот поврзани со нови кризи“ што вчера и денеска се одржува во Македонска академија на науките и уметностите, Куќа на Уранија, Охрид.

Д-р Мулец предава и на Факултетот за влада и европски студии во Крањ и европскиот правен факултет во Љубљана. Автор е на повеќе написи и книги на теми од јавната администрација и животната средина.

Словенија стана првата земја во светот што е прогласена за „зелена дестинација“, врз основа на проценката од холандската организација, Green destinations во 2016 година.

Покрај Љубљана, на листата се најдоа и Нова Горица, Брда, Крањска Гора, Марибор, Птуј, Градец, Бела Крајина и Велење.

Разговараше Соња Танеска

Камера и монтажа Александар Ризински 

Извор: Цивилмедиа

Најново