Скопјани ќе плаќаат поскапо парно за 5,03% од 1 февруари, соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Ова значи дека едно просечно домаќинство, кое досега издвојувало 2.100 денари месечно за греење, отсега ќе плаќа 2.200 денари.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, објасни дека покачувањето е резултат на растот на цените на природниот гас на европските берзи во последниот квартал од 2024 година, како и на намаленото производство на топлинска енергија од ТЕ-ТО.
„Цените на природниот гас продолжуваат да растат и во јануари и февруари, што нè принуди на корекција. Лани, кога цената паѓаше, парното беше поевтино за 35%, а во текот на летото го намаливме за уште 3% поради укинувањето на субвенциите,“ изјави Бислимоски.
Во текот на февруари ќе се донесе одлука и за потрошувачите во Железара и Автокоманда, каде што Топлификација Скопје Север најави поскапување. За овие корисници новите цени ќе важат од 1 март.