Започна уредувањето и обележувањето на 188-километарски интегриран систем со велосипедски и планински патеки за развој на одржлив туризам во Преспа. Од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), имплементатори на програмата „ЕУ за Преспа“ финансирана од Европската Унија, соопштија дека новиот туристички пакет ќе содржи уредени маршрути, нова сигнализација, видиковци, летниковци и места за одмор.
Велосипедските маршрути ги поврзуваат Коњско, Стење, Ресен и селата на западниот брег на Преспанското Езеро, како и населените места во јужниот дел на регионот, сè до Маркова Нога кај Долно Дупени. Тоа значи од едниот до другиот крај на езерото на македонската страна.

Планирано е да содржат и делница наменета за адаптивен велосипедизам, со што Преспа треба да стане дестинација во која природата и туристичките содржини ќе бидат достапни за сите, без разлика на физичките можности.
Велосипедските и пешачките патеки ќе бидат обележани со маркации, патокази и локациски табли. На почетните точки на пешачките патеки и на трите главни делници на велосипедската мрежа ќе бидат поставени големи информативни табли, а на крајните точки и на други стратегиски локации ќе има помали табли со туристичка карта и информации за патеките.
„Со инвестиции во одржлива туристичка инфраструктура се создаваат услови природното и културното богатство на Преспа да се претворат во нови можности за локалниот развој. Оваа мрежа на патеки е важен чекор кон активниот туризам, поголема поддршка за локалните бизниси и зачувување на природните вредности на регионот“, соопштија од УНДП.
Во мај 2025 година беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу УНДП, Општина Ресен и двата национални паркови „Галичица’’ и „Пелистер“, со цел поврзување на парковите со велосипедски и пешачки патеки, односно развој на интегрирана туристичка инфраструктура на отворено.
Националниот парк „Пелистер“ преку свој проект веќе започна акција за уредување на планинската патека од Големо Езеро до Брајчино во Преспа, по таканаречениот француски пат, кој со години беше запуштен. Со отворањето на граничниот премин Маркова Нога –Лемос на македонско-грчката граница, македонските патеки можат да се поврзат со оние на грчката страна и да се понуди уникатно доживување на езерото и на планинските предели од двете страни на границата.
Ж. З.
*Преземемо од Локал Актив Пелагонија, Онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

