Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Многу луѓе немаат доволно средства и принудно бојкотираат секој месец, велат граѓаните

Иако петок е традиционално пазарен ден, повикот за бојкот на големите маркети значително го намали бројот на купувачи. Продавниците не останаа целосно празни, но ефектите од акцијата се забележливи. Дел од граѓаните веруваат дека протестот ќе ги натера трговците да ги намалат цените, додека други сметаат дека решението е во рацете на државните институции.

„Без Владата, граѓанската непослушност ќе има мал ефект. Државата треба да преземе мерки, бидејќи народот веќе нема начин да се справи со ситуацијата“, вели еден граѓанин кој реши да го поддржи бојкотот.

За многумина, бојкотот не е избор, туку сурова реалност. „Многу луѓе немаат доволно средства и принудно бојкотираат секој месец, особено кон крајот“, вели скопјанка која сведочи за тешкотиите на животниот стандард.

Некои пак, се сомневаат во ефективноста на акцијата. „Цените постојано растат, а тоа што го купував пред неколку недели сега е за 30 отсто поскапо“, револтирано коментира друг жител на Скопје.

На социјалните мрежи бојкотот беше организиран како граѓанска иницијатива, откако претходните мерки на Владата не дадоа резултати. Маркетите веднаш реагираа со попусти на одредени производи, а некои ја искористија ситуацијата за попис.

Бојкотот не е само македонски феномен – исти акции денеска се одвиваат во Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Црна Гора, што го претвори овој петок во „црн ден за трговијата“.

Додека граѓаните масовно го поддржуваат бојкотот, економистите се поделени. Некои веруваат дека ќе испрати силна порака до трговците и Владата, додека други сметаат дека краткорочните бојкоти немаат значително влијание врз пазарот.

Официјалните податоци велат дека инфлацијата минатата година изнесувала 3,5%, но граѓаните чувствуваат многу поголем удар врз своите буџети. Според синдикалните анализи, минималните месечни трошоци за четиричлено семејство се зголемиле за 400 денари во јануари, достигнувајќи 63.252 денари, далеку над просечната плата.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера од собраниската говорница обвини за „манипулации со цените“, најавувајќи нови мерки: замрзнување на маржите, контроли во аптеките и трговијата со бела техника.

Опозицијата, пак, го обвини Владата дека дозволила граѓаните да останат без средства за основни потреби. „Ова не е само бојкот против маркетите, туку бунт против власт која дозволи народот да биде ограбен“, велат од СДСМ.

Граѓаните, пак, бараат повисоки плати, а синдикатите инсистираат на минимална плата од 500 евра. СДСМ предлага укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, тврдејќи дека тоа би заштедило до 2.000 денари месечно по семејство.

Дали бојкотот ќе донесе конкретни резултати, ќе покаже времето, но јасно е дека граѓаните се незадоволни и бараат промени.

Извор: Независен

Зачлени се на нашиот е-билтен