Тригодишно дете од Пробиштип заболело од голема кашлица, информираат од Институтот за јавно здравје. Случајот е пријавен во последната недела од месец јануари, но затоа пак во претходниот седмодневен период кога биле пријавени два случаи.
Според ИЈЗ, детето било вакцинирано согласно возраста, но епидемиолошки било поврзано со претходно заболен член од истото семејство.
Во периодот 2024/25 година, заклучно со вчера на територијата на земјава регистрирани се вкупно 1.179 лица заболени од голема кашлица, од кои хоспитализиран е 191 случај, од кои најголем дел припаѓаат на возрасната група од 0-4 години (n=168, 88%), кои во просек биле хоспитализирани по осум денови.
Најголем број од заболените лица се регистрирани на територија на Скопје (70,4%), а заболени се регистрирани и во 22 други градови низ државава. Од вкупниот број на регистрирани случаи, 746 случаи (односно 63,3%) не биле вакцинирани, не биле комплетно вакцинирани согласно возраста или немале доказ за вакцинација. Од случаите кои се комплетно вакцинирани (n=302), просек на поминато време од последната доза на вакцина до заболување изнесува 13,7 години.
„Во тек е епидемија на територијата на град Скопје. Како што наведуваат, во последните два месеци во државата се регистрираат само поединечни случаи на пертусис. Највисока инциденца од 265,1/100.000 жители се регистрира во Кратово, во Скопје (136,7/100.000) и во Куманово (102,5/100.000). Најголем број од заболените припаѓаат на возрасната група од 0-4 години (37%), а највисока инциденца се бележи во возрасната група под 1 година и изнесува 1.566,4/100.000 жители“, посочуваат од ИЈЗ.
ИЈЗ нагласува во извештајот дека од пријавените 1.179 случаи, лабораториски биле потврдени 1.176.
Од 18 јануари 2024 година до 23 јануари 2025 година, на територијата на земјава дадени биле вкупно 96.114 дози на вакцина која содржи компонента против голема кашлица.