Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, од моментот на своето назначување во јули 2024 година, повторува дека ќе се избори со корумпираните службеници и ќе го врати редот во институцијата. Сепак, јавната тајна останува дека во затворите затворениците уживаат во привилегии како телефони како што е последниот случај за кој и Пандов потврди дека кај 20-годишниот возач кој ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова, а кој е во притвор во „Шутка“, е пронајден мобилен телефон. Најавува дисциплинска постапка откако ќе биде утврдено кој го обезбедил телефонот, иако, како што вели, се сомнева дека се повеќе вработени лица. Покрај телефони неофицијално дел од затворениците во зависност од финансиската состојба поседуват телевизори и други бенефиции.
-Несомнено е дека по македонските затвори, и не само по македонските затвори и во сите затвори во светот постои корупција, меѓутоа корупцијата во македонските затвори била на многу високо ниво. Таа потекнувала од раководните структури па одела нанадолу – рече Пандов во октомври во интервју за Слободен печат.
Тој и тогаш како и на почетокот на мандатот најави казни па дури и откази од работа за затворскиот персонал зашто коруптивните дејства немало да се толерираат во затворите.
– Не може некој затворски полицаец да е корумпиран, да прави девијантни појави, а неговите колеги да не го гледаат тоа. Тие вработени во затворите сега се лоцирани, детектирани и ве уверувам дека тие ќе бидат дисциплински казнувани и најверојатно, најголем дел од нив ќе гледам да бидат избркани од работа. За проблематичните затвореници имаме начин, имаме метод и тие веќе го гледаат тоа и знаат дека ако некој од нив продолжи така да се однесува, дека тоа нема да биде толерирано и дека тој ќе биде сместен во други установи, исто затвори, меѓутоа тој комодитет што го имале досега нема да го имаат натаму. Кај мене има повеќе од решеност и волја и желба и за цела среќа имам максимално и разбирање и согласност од останатите директори, заповедници, раководни лица по затворите. Сите тие го препознаваат новиот тренд и желбата и волјата да се сменат работите. Морам да напоменам дека за сето ова јас го информирам премиерот Христијан Мицксоки, имам одлична комуникација со мистерот за правда Игор Филков и со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и државата е повеќе од решена, како и за целиот криминал што постои во државата така и за овој во затворите, ќе се менуваат работите, ќе видите – нагласи Пандов во истото интервју во октомври.
Вчера пак, кога јавноста револтирана поради системските пропусти и загинувањето на младата Фросина, преку фотографии од друг затвореник виде дека обвинетиот возач одговорен за несречата које во притвор, веќе користи телефон, Пандов повторно ја искористи истата реторика изрази целосна посветеност на процесот на чистење на системот, и борба со корумпираните службеници.
Додека Пандов во изјавите ги истакнува своите намери за „започнување сериозни дисциплински постапки против корумпираните службеници“, прашањето останува – зошто овие мерки не се спроведуваат со поголема брзина? Зошто се уште се оставени простор и услови за затворениците да уживаат во привилегии кои не им припаѓаат, во време кога не е тајна дека такви практики се во спротивност со основните принципи на правдата и законите на државата?
Пандов ги повторува своите ветувања за борба против корупцијата, но во реалноста, и по толку време, не се гледа конкретен напредок.