Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Јовановиќ: Зошто потрошувачката кошничка е поскапена за 3.000 денари откако Мицкоски дојде на власт?

Проф. Бранимир Јовановиќ во интервју за ЦИВИЛ Медиа ги одби обвинувањата на премиерот Христијан Мицкоски, кој тврди дека кога бил дел од владата предводена од Зоран Заев, бил одговорен за манипулацијата со потрошувачката кошничка. Според Јовановиќ, синдикалната кошничка не е негово дело, туку резултат на работа на синдикатите, кои ја утврдуваат методологијата за пресметка.

„Како што самиот термин кажува, синдикалната кошничка ја прави синдикатот. Јас, Драган Тевдовски или Никола Поповски немаме никаква врска со тоа како се пресметува кошничката. Никогаш не сум бил дел од група која ја правела методологијата, а никој никогаш не побарал мислење од мене за тоа“, вели Јовановиќ.

Професорот исто така постави серија прашања на кои, според него, премиерот Мицкоски треба да одговори:

-Зошто потрошувачката кошничка е поскапена за 3.000 денари откако Мицкоски дојде на власт, кога просечната плата се зголемила за само 60 денари?

-Зошто кошничката е поскапена за 2.000 денари по воведувањето на есенската и новогодишната кошничка?

-Дали премиерот намерно овозможи покачување на цените за да ги зголеми профитите на фирмите?

-Дали на Мицкоски му се поважни профитите на големите фирми од животниот стандард на два милиона граѓани кои секојдневно се соочуваат со поскапувања?

Премиерот Мицкоски на последната собраниска седница истакна дека синдикалната кошничка е манипулирана од страна на поранешни функционери на СДСМ и дека методологијата по која се пресметува е погрешна, бидејќи не ги вклучува сите релевантни трошоци. Тој посочи дека кошничката ја пресметуваат Јовановиќ, Тевдовски и Попоски, и дека таа не ја одразува реалната состојба на пазарот.

Јовановиќ, пак, ги негираше овие наводи и истакна дека цените во маркети не се соодветни на тие што се наведени во кошничката, наведувајќи дека во некои категории разликата достигнува и до 3.000 денари.

Зачлени се на нашиот е-билтен