Обединетото Кралство кон крајот на годинава ќе биде домаќин на самитот за Западен Балкан во партнерство со Германија што, како што информираат од Британската амбасада во земјава, ја нагласува посветеноста на британската влада за ресетирање на односите со Европа и на последниот чекор во стратегијата на владата за градење трајни партнерства во насока на уништување на криминалните групи кои ја потпомагаат нерегуларната миграција.
Самитот, како што информираат од Британската амбасада во земјава, ќе ја зајакне соработката со партнерите од Западен Балкан за справување со нерегуларната миграција по клучните транзитни рути, со што ќе се реализира планот на британскиот премиер за промени.
Фокусот ќе биде ставен и на заедничката соработка за борба против користењето на регионот како транзитна рута за нерегуларната миграција, при што Владата ќе се фокусира на користење на сите алатки што ѝ се на располагање за контрола на границите на Обединетото Кралство.
Формално познат како Берлински процес, Самитот ќе ја зајакне соработката со европските партнери со цел да помогне во реализацијата на стратегијата на Владата на Обединетото Кралство за зајакнување на границите, разбивање на бандите и враќање на оние што немаат право да бидат таму во нивните земји.
Како една од најискусните дипломати на Обединетото Кралство, дама Карен Пирс, носител на Најпрестижниот орден на св. Михаил и св. Ѓорѓи (DCMG) е назначена за специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, задолжен за поттикнување на стратешките цели на Обединетото Кралство низ целиот регион, вклучително и подготовките за Самитот.
Британскиот секретар за надворешни работи Дејвид Лами, по тој повод, изјави дека „Западен Балкан е регион со долгогодишно значење за Обединетото Кралство, а нашите партнерства во регионот ја покажуваат нашата посветеност на европската безбедност и на исполнување на планот на Владата за промени“.
Британската амбасада ја пренесува и изјавата од министерката за гранична безбедност и азил, Ангела Игл која рече, дека „преку Командата за гранична безбедност, повторно градиме силни односи низ Европа и пошироко за да се справиме со заедничкиот предизвик на нерегуларната миграција и да ги обезбедиме нашите граници“.
-Оваа влада веќе потпиша нови договори за зголемување на оперативната соработка за организираниот имиграциски криминал со земјите како Северна Македонија, Србија и Косово. Нашата меѓународна работа, заедно со посилниот пристап за спроведување на имиграцијата што се презема во Обединетото Кралство, ќе обезбеди подобро справување со бандите за шверц на луѓе на секое ниво, изјави Игл.
Во јануари, Обединетото Кралство ги објави и плановите од режимот со санкции кој е прв таков режим во светот, а чија цел е уништување на синџирите за криумчарење на луѓе и исцрпување на незаконските финансии кои ги поттикнуваат нивните операции.
Со присуството на три сојузници на НАТО во регионот, Западен Балкан е од критично значење за безбедноста на Обединетото Кралство и Европа. Ризикот од нестабилност се зголемува: регионалните тензии се потпомогнати од малигното руско влијание и постои итна потреба за сузбивање на криминалните банди кои го претворија регионот во главна транзитна рута за нерегуларна миграција низ цела Европа.
Специјалниот претставник на Обединетото Кралство ќе придонесе и на пошироките мисии од Планот за промени на премиерот, вклучително и работата на попречувањето на организираните криминални групи за зголемување на безбедноста на британските улици и промовирање на можностите за постигнување на економски раст на британските бизниси.