Росица Кулакова, сестра на трагично загинатата Фросина, денес изјави дека официјално се приклучува на иницијативата “Кој е следен” како претставник на семејството и гласноговорник за Фросина, нагласувајќи дека протестот е исклучиво граѓански и не треба да биде манипулиран ниту политизиран.
„Ова е протест на народот, протест на тагата, револтот и желбата да се остане тука,“ изјави Росица, додавајќи дека учесниците во протестот ќе поминат низ неколку клучни локации во Скопје. Според неа, протестот е начин да се оддаде почит на Фросина и на сите жртви на корумпираниот систем.
Протестната рута:
16:30 часот пред Универзална Сала
„Симболично тргнуваме од овде, место каде што заврши сонот на Фросина. Место каде што започна оваа иницијатива.“
17:00 часот пред Владата
„Ние сме благодарни за досегашната поддршка од Владата, но бараме не само продолжување на поддршката за нашето семејство, туку и за иницијативата ’Кој е следен’ и за слушање на барањата од протестите. Ова го бараме и од опозицијата!“
17:45 часот пред Собранието
„Бараме активно вклучување на законодавната власт во промената на законите и контрола над нивното спроведување.“
18:30 часот пред Апелациониот суд
„Бараме од судската власт да разберат дека гнојот во општеството доаѓа од тука. Ние веруваме дека не сите судии и обвинители се исти и бараме да престанат да ги бранат нечесните во своите редови.“
„Ве повикуваме да ни се приклучите во борбата за подобро утре. Секој еден може да биде следен! Се гледаме утре пред Универзална Сала, во 16:30. ПРАВДА ЗА ФРОСИНА!“