Федерален судија им нареди на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговите адвокати да платат повеќе од 930.000 долари отштета за неоснованата тужба против поранешната државна секретарка Хилари Клинтон.
Судијата Џон Мидлбрукс, кој ја отфрли тужбата на Трамп во септември, рече дека отштетата е оправдана бидејќи поранешниот републикански претседател покажал модел на злоупотреба на судовите за да ја унапреди својата политичка агенда.
Овој случај никогаш не требаше да биде покренат. Од самиот почеток беше очигледна несоодветноста на неговите правни барања. Ниту еден разумен адвокат не би го водел. Согласно политичката целисходност, ниту една од точките во изменетата жалба не претставуваше легитимно правно барање, напиша Мидлбрукс во одлуката на 45 страници.
Трамп ја тужеше Клинтон, демократската кандидатка за претседател во 2016 година, тврдејќи дека таа и другите демократи се обиделе да ги наместат изборите со лажно обвинување дека неговата кампања е поврзана со Русија.
Мидлбрукс, кој беше назначен за судија во 1997 година од претседателот Бил Клинтон, го отфрли случајот во септември, нарекувајќи ја тужбата „политички манифест од двесте страници во кој се наведени неговите поплаки против оние што му се спротивставуваат“.
Во 2020 година, Трамп се повлече од претседателската функција откако беше поразен од демократот Џо Бајден, по што тој постојано изнесуваше лажни тврдења, зборувајќи за изборна измама.
Милијардерот најави дека ќе се кандидира на претседателските избори и во 2024 година.