Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кузмановски: Организирано собирање и рециклирање на отпадни гуми за чиста животна средина

Гуматек, колективен постапувач за управување со отпадни гуми, успешно работи повеќе од една година откако во 2024 година стапи на сила Законот за проширена одговорност. Генералниот директор на компанијата, Борче Кузмановски, истакнува дека главната мисија на Гуматек е да обезбеди систематско собирање и рециклирање на отпадните гуми, намалувајќи го нивното штетно влијание врз животната средина.

„Отпадните гуми претставуваат сериозен еколошки проблем, бидејќи им требаат од 50 до 200 години за целосно распаѓање. Во тој процес, тие загадуваат почвата, водата и воздухот, а исто така можат да претставуваат опасност од пожари и жаришта за ширење на болести“, вели Кузмановски.

Според него, граѓаните сè повеќе стануваат свесни за правилното управување со овој тип отпад, благодарение на едукативните кампањи кои Гуматек ги спроведува преку социјалните мрежи, традиционалните медиуми и соработка со невладини организации и училишта.

Гуматек има развиено мрежа на собирни места во најголемите сервиси, вулканизери и кај увозниците на гуми. Ова значи дека секој граѓанин кој купува нови гуми, по закон, може бесплатно да ги предаде старите гуми на овие пунктови. Компанијата потоа организира нивно собирање и транспортирање до специјализирани рециклатори, каде што гумите се преработуваат и добиваат нова функција.

„Гумата нема висока комерцијална вредност, но со напредни технологии може да се искористи 100%. Преку процесот на рециклирање, гумите се преработуваат во гранулат за спортски и детски игралишта, додека пиролизата овозможува добивање на енергенси и одвојување на металот од самите гуми“, објаснува Кузмановски.

Во текот на 2024 година, Гуматек успешно управуваше со 5200 тони нови гуми и собра 770 тони отпадни гуми. Оваа количина е еквивалент на околу 60 шлепери полни со отпадни гуми, што претставува значителен чекор напред во намалувањето на овој вид загадување во Северна Македонија.

„Иако некогаш постоеше неодговорно однесување во однос на одлагањето на гумите, сè повеќе луѓе ја користат можноста да ги предадат старите гуми на нашите собирни пунктови. Веруваме дека со натамошна едукација и соработка со институциите и граѓаните, ќе постигнеме уште подобри резултати во иднина“, нагласува Кузмановски.

Зачлени се на нашиот е-билтен