Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Гасните централи не се „зелено“ решение, предупредуваат инженерите

Когенеративните централи не се решение за аерозагадувањето, предупредуваат инженерите
Инженерите на Македонија остро реагираат на тврдењата на Владата дека странските когенеративни централи се клучното решение за аерозагадувањето. Во соопштението на Инженерите на Република Македонија (ИНРМ) се нагласува дека овие централи можат да носат одредени економски придобивки, но нивното промовирање како севкупно решение за загадувањето е неточно и погрешно насочено.

„Остануваме на ставот дека сите енергетски капацитети и потенцијали за соларни, ветерни и хидроцентрали, како и сите други инвестиции во енергетиката, мора да бидат домашни – македонски и државни! Странските инвестиции во овој сектор не можат да се сметаат за стратешки, ниту пак ја зајакнуваат енергетската независност на Македонија. Напротив, тие создаваат зависност и ја ограничуваат контролата врз сопствените ресурси“, стои во соопштението.

ИНРМ предупредува дека пристапот на Владата за справување со аерозагадувањето преку изградба на гасни когенеративни централи е застарен и несоодветен. „Природниот гас не е еколошко гориво – тој емитува CO₂, а неизвесноста за доволен број потрошувачи може да ги направи овие инвестиции неисплатливи“, се вели во реакцијата.

Инженерите посочуваат дека загадувањето не доаѓа само од системите за греење, туку и од индустриските капацитети, несоодветното согорување на огревно дрво, како и неконтролираниот сообраќај. Непланското урбанистичко ширење дополнително го влошува проблемот.

Според ИНРМ, долгорочното решение треба да биде засновано на енергетска ефикасност, развој на топлификацијата и зголемување на употребата на обновливи извори на енергија како геотермални извори, биомаса, отпадна топлина од индустријата и топлински пумпи. Дополнително, потребни се построги регулативи за индустријата и сообраќајот.

„Очекуваме Владата да го исполни ветувањето за поддршка на националните енергетски капацитети во служба на граѓаните и економијата. Решенијата за аерозагадувањето мора да се темелат на одржливи политики, а не на интереси што не се во корист на државата и нејзините граѓани“, се заклучува во соопштението.

Зачлени се на нашиот е-билтен