Со четиридневна работна недела Токио ќе се бори со демографската криза

Јапонија се соочува со сериозна демографска криза, а најголемиот град во земјата, Токио, реши да проба нов пристап – четиридневна работна недела.

Од април, метрополитската влада, еден од најголемите работодавци во земјата, ќе им овозможи на своите вработени да работат само четири дена во неделата. Дополнително, воведува и нова политика за делумен родителски одмор, со што некои вработени ќе можат да работат два часа помалку дневно. Целта е да им се помогне на родителите подобро да ги балансираат работата и грижата за децата, изјави гувернерката на Токио, Јурико Коике.

  • Ќе продолжиме флексибилно да ги приспособуваме работните услови за жените да не мора да се откажуваат од своите кариери поради настани во животот, како што се раѓањето и воспитувањето на децата – рече Коике.

Овие мерки доаѓаат во време кога наталитетот во Јапонија достигна рекордно ниско ниво во 2024 година. Во првата половина на годината биле регистрирани 350.074 раѓања, што е за 5,7 отсто помалку во споредба со истиот период во 2023 година, според податоците на Министерството за здравство, труд и благосостојба.

Намалувањето на наталитетот не е проблем само за Јапонија. До 2100 година дури 97 отсто од земјите во светот ќе имаат стапка на раѓања под нивото потребно за одржување стабилна популација. Јужна Кореја моментално има најниска стапка на фертилитет, а во земјата минатата година биле продадени повеќе колички за кучиња отколку за бебиња.

Загрижувачки бројки за фертилитетот во Јапонија

Во Јапонија стапката на фертилитет во 2023 година изнесувала 1,2 деца по жена, додека во Токио била уште пониска – 0,99. Според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), за стабилна популација е потребна стапка од 2,1. Во моментов, просечната возраст на жител во Јапонија е 49,9 години, додека во САД е 38,9 години.

Јапонија со години презема мерки за зголемување на наталитетот

Јапонија веќе презеде сериозни чекори за да го спречи падот на наталитетот. Од 90-тите години владата воведе обврска компаниите да даваат великодушен родителски одмор, субвенции за градинки и финансиски стимулации за родители. Оваа година Токио дури лансира своја апликација за запознавање, со цел да им помогне на луѓето да најдат партнер и да стапат во брак.

Но, и покрај сите овие мерки, наталитетот во Јапонија продолжува да опаѓа осум години по ред.

Воведувањето четиридневна работна недела може да помогне во ублажувањето на проблемите што ги носи строгата работна култура во земјата, особено за жените. Јапонија има една од најголемите разлики меѓу половите кога станува збор за домашните обврски – жените трошат петпати повеќе време на неплатена работа, како што е грижата за децата и постарите лица, според податоците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Над половина од жените што имале помалку деца од посакуваното изјавиле дека причината била зголемената домашна работа што би ја донело уште едно дете, покажува истражување на ММФ.

Во некои случаи четиридневната работна недела се покажала како корисна за порамномерна поделба на домашните обврски. Истражување на организацијата „4 деј вик глобал“, спроведено во шест земји, покажа дека мажите што работеле еден ден помалку неделно посветувале 22 отсто повеќе време на грижата за децата и 23 отсто повеќе на домашните работи.

Сепак, за четиридневната работна недела да стане пошироко прифатена во општеството, ќе биде потребна голема културна промена. Но, години на експерименти покажуваат дека намалувањето на работните денови ги зголемува продуктивноста и благосостојбата на вработените, вели Питер Мискович, глобален лидер за иднината на работата во компанијата за недвижности „Џеј-ел-ел“.

  • Придобивките се помал стрес, помал ризик од согорување, подобар сон, помали трошоци за вработените, поголема концентрација за време на работното време и, во некои случаи, поголема посветеност на организацијата – вели Мискович.

Сепак, некои експерти предупредуваат дека четиридневната работна недела не е универзално решение.

Извор: Fortune.com

Зачлени се на нашиот е-билтен