План за вооружување на Европа од 800 милијарди евра

PHOTO FLICKR

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го претстави планот од пет точки за вооружување на Европа, кој би можел да мобилизира близу 800 милијарди евра за одбрана.

„Европа е подготвена да ја преземе одговорноста и може да мобилизира близу 800 милијарди евра за трошоците за одбрана, за сигурна и отпорна Европа“, изјави фон дер Лајен, претставувајќи го планот пред лидерите на државите-членки на Европската унија, кои ќе се соберат на вонреден самит в четврток, пренесува Хина.

Таа истакна дека сега е време за вооружување и дека Европа е подготвена да ги зголеми своите инвестиции во одбрана – краткорочно за да ја поддржи Украина, но и долгосрочно за да ја преземе одговорноста за својата безбедност.

Првата точка од планот е да се дозволи земјите-членки да ги надминат правилата кои предвидуваат дека буџетскиот дефицит не смее да биде над три проценти од БДП. Тоа значи дека земјите-членки ќе можат да го надминат ова ограничување ако средствата се потрошат за одбрана.

„Ако земјите-членки ги зголемат трошоците за одбрана за просечно 1,5 проценти од нивниот БДП, тоа би создало фискален простор од близу 650 милијарди евра во период од четири години“, изјави фон дер Лајен.

Инвестиции во одбрана

Втората точка од планот предвидува нов инструмент од 150 милијарди евра за заеми на земјите-членки за инвестиции во одбрана.

Овие средства ќе бидат искористени за противвоздушна и противракетна одбрана, артилериски системи, дронови со проектили и муниција, системи за борба против дронови, како и за решавање на други потреби, како што се сајбер-безбедноста и воената мобилност.

„Ова ќе им помогне на земјите-членки да купуваат заедно, а со оваа опрема можат масовно да ја засилат својата поддршка за Украина“, изјави претседателката на Комисијата.

Заемите за заедничка набавка ќе овозможат помали трошоци, ќе ја намалат фрагментацијата, ќе ја зголемат интероперабилноста и ќе ја засилат одбранбената индустриска база.

Трета точка се однесува на користење на буџетот на ЕУ за инвестиции во одбрана. Фон дер Лајен најави дека ќе предложи на земјите-членки сами да одлучат дали сакаат да ги користат средствата за кохезија за инвестиции во одбрана.

Четврта и петта точка се однесуваат на привлекување приватен капитал преку побрзо воспоставување на Унијата за штедење и инвестирање, како и преку Европската инвестициска банка, изјави претседателката на Комисијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен