Медицинската сестра Љубица Шавреска од Охрид сподели потресно сведоштво за часовите во кои, како што тврди, со силни болки и крварење барала лекарска помош во повеќе здравствени установи, пред нејзината бременост да заврши со загуба на плодот.
Шавреска, која вели дека десет години работи во здравството, јавно се обрати до Министерството за здравство и до министерот, барајќи да се испита третманот што го добила додека била во 24. гестациска недела и три дена.
Според нејзиното сведоштво, здравствената состојба ѝ се влошувала, а помош барала во повеќе установи, од Охрид до Скопје. Таа тврди дека во текот на тие часови имала силни болки и крварење и дека молела да биде прегледана од лекар.
„Денес не пишувам како медицинска сестра. Пишувам како пациентка, како мајка и како жена која помина низ едно од најболните искуства во својот живот.
Во 24+3 гестациска недела од бременоста, во раните утрински часови, поточно околу 03:30 часот по полноќ, почувствував болки, силно затегање и притисок во задниот дел од половината.
Веднаш се јавив во дежурната служба на гинеколошкото одделение во Охрид. Ме прими една прекрасна моја колешка, која веднаш го извести докторот, кој воедно е и директор на охридската болница, д-р Горан Маркоски.
Докторот дојде видно нервозен и нерасположен. Му ја објаснив состојбата. Ме прегледа со ехо на абдоменот, преглед кој траеше можеби две минути, и ми кажа дека болката е поради тоа што бебето е со нозете надолу и дека така притиска.
Ѝ кажа на сестрата да ми даде четири таблети Дабростон.
Откако замина, подоцна ѝ се јави на сестрата по телефон со висок тон и ѝ кажа да не го буди за „такви глупости“ во три и пол часот навечер, туку да го повика само ако дошла жена да се породи.
Влегов во автомобил. Болките се засилија.
Не знаејќи каде да побарам помош, отидов на гинекологија во Струга.
Докторката Виолета Насуфи најпрво не сакаше да ме прими бидејќи доаѓав од Охрид. Сепак, ме прегледа со ехо и кажа дека сè е во ред и дека веројатно се работи за бубрежна колика.
Ми ординираше ампула Кетонал.
Сестрата која таа вечер беше дежурна, исто така беше видно нервозна што ја разбудив. Кога, поради болката, не можев да најдам положба во која можам да стојам за да ми ја аплицира инекцијата, ми кажа дека сум дошла во четири часот кај нив „за циркузи“, а не затоа што ме боли.
Како и да е, си заминав дома. Од лекот болката попушти.
Следниот ден немав болка, најверојатно поради дејството на лекот. Но околу 18 часот повторно започнаа лесни затегања и решив да одам кај мојот матичен лекар, д-р Устијаноски.
Му ја објаснив целата ситуација и му кажав дека докторката се сомнева на бубрежна колика.
Веднаш ми даде упат за гинекологија во Охрид и ми кажа дека ова е ситуација во која морам да бидам хоспитализирана.
Отидов на гинекологија.
Таму беше прекрасната д-р Радмила Здравеска.
Веднаш реагираше. Таа и сестрите од тимот кој таа вечер дежураше ми ја дадоа целата можна грижа.
Докторката беше единствената која ме прегледа навистина темелно — со ехо, сонда, спекулум, ЦТГ и со сè што можеше да се направи во тој момент.
Таа утврди дека грлото на матката е многу скратено и дека ситуацијата бара поставување серклаж и соодветна терапија на Клиниката во Скопје. Кажа дека ќе организира транспорт.
На мое инсистирање побарав тоа да биде во приватната болница „Плодност“, бидејќи имав слушнато за многу лоши искуства од Клиниката.
Д-р Радмила ми напиша извештај, ми ја вклучи терапијата во рекордно време, сестрите ми земаа крв за анализи и урина за уринокултура и ми објаснија каква положба треба да имам во текот на патувањето, бидејќи за приватна болница моравме да патуваме со сопствено возило.
Тргнавме за „Плодност“ и пристигнавме околу полноќ.
Ме прими сестрата, потоа дојде докторот и повторно ме прегледаа со ехо. Ми беше кажано дека таму не можат да ја решат ситуацијата, дека цервиксот е 13 милиметри и дека морам да одам во Скопје.
Заминавме за Скопје.
Пристигнавме околу 03:20 часот.
Во Ургентниот центар ме прими докторка која беше на специјализација. Ми кажа дека може да ме прегледа и прими, но за терапија, токолитици и понатамошниот третман мора да се почека професорката која ќе дојде на визита утрото.
Утрото, сестрата која ме прими на Одделот за патолошка бременост дојде да ми земе крв за анализи.
Бев дехидрирана, вената ми пукна, а мојата драга колешка со епруветата ја собираше крвта што ми течеше по раката и така ја однесе во лабораторија.
Во 09:00 часот дојде визитата.
Д-р Адела Стефанија, со огромна насмевка и, барем според моето доживување, со уште поголема незаинтересираност, ме праша за состојбата.
Ѝ објаснив сè.
Ми кажа дека подоцна ќе ме викнат на ехо.
На ехо повторно не дојде таа, туку доктор специјализант. Ми кажа дека ќе чекаме неколку дена.
Го прашав дали ќе примам терапија бидејќи болките беа огромни.
Ми кажа дека за тоа ќе одлучи докторката.
По два часа, со огромни болки, ја најдов докторката во ходник и ја прашав дали ќе добијам некаква терапија.
Ми кажа да ја продолжам терапијата што ја земав дома и таму.
Ја прашав:
„Од што е болката? Дали треба серклаж? Дали се контракции? Дали е камен?“
Одговорот беше:
„Еее, де, вие сестрите сè знаете. Чекај, ќе видиме. Лежи.“
Болката стануваше сè помалку издржлива.
Почнав да се гушам и да имам обилно крварење.
Како што, за жал, често се случува во Македонија, сопругот почна да се јавува по телефони и да бараме „врски“ за да дојде некој доктор, да ме види и да постапи со мене.
Преку тие контакти доби информација дека плодот најверојатно ќе биде изгубен, но дека животот на мајката е во ризик и дека се прима терапија и „се прави сè што може“.
Јас, сепак, не знаев каква терапија примам и што точно се прави, освен ако Апотел е терапија за оваа состојба.
Јас сум медицинска сестра, но во тој момент бев само исплашена пациентка.
Тогаш сфатив дека и јас и моето бебе сме во сериозна животна опасност.
Обилно крварев.
Имав огромни болки.
Го сретнав во ходник докторот специјалист кој ме прегледа утрото. Му кажав што ми се случува. Тој ѝ кажа на сестрата:
„Ајде, земете ѝ и една уринокултура.“
По пет минути повторно ја видов д-р Адела во ходник. Ја следев до вратата и ја молев да ме види.
Таа само ѝ кажа на сестрата да ми стави ампула Апотел.
Легнав да ми ја вклучат инфузијата, но од огромните болки не можев да лежам. Стоев со инфузијата во рака.
Како и секогаш во тешки моменти, се повикувам на Бога.
Го замолив сопругот да ми донесе масло и света вода од црква. Му кажав дека сум во последната соба.
Тој ги даде на чистачката за да ми ги подаде.
Од огромните болки не забележав дека сум во претпоследната, а не во последната соба.
Чистачката со висок тон ми се обрати дека не знам ни да објаснам каде се наоѓам, дека поради мене лутала низ собите да ме бара.
Потоа ми ги фрли водата и маслото.
Кога заврши инфузијата, ја прашав сестрата дали ќе дојде доктор.
Ми кажа дека за половина час, во три часот, повторно ќе има визита и дека ќе ме види друга докторка.
Во надеж дека конечно ќе се појави човек на мојата врата и ќе ми помогне, почекав.
Докторката дојде.
праша дали ми се дадени токолитици.
Сестрата кажа дека не, прашав дали се направени крвни анализи и урина.
и беше кажано дека се земени, но резултати сè уште нема.
Ја молев:
„Докторке, јас умирам. Ве молам, помогнете ми.“
Ми одговори дека е од друго одделение, дека не дежура тука, дека утрото поминале многу колеги и никој ништо не презел и дека сега треба да чекам до утрешната визита, па тогаш нека одлучат што со мене.
Тоа беше моментот кога сфатив дека, ако останам таму, можеби ќе се сретнам со смртта.
Моето семејство почна да се јавува во приватните болници.
Во „Ре-Медика“ ни кажаа дека немаат оддел за трудници пред 34. недела.
Од „Систина“ добивме сосема поинаков одговор:
„Веднаш да дојде. Ја чекаме.“
Се пресоблеков.
Отидов на шалтер и ја замолив сестрата, која седеше и пиеше кафе со кренати нозе на столот, да ми даде да потпишам дека заминувам на сопствено барање.
Чекав околу 20 минути докторката, повторно специјализант, да ми напише отпусно писмо.
Не го знаеше лозинката.
Не знаеше што да напише.
Не знаеше во која програма да го внесе.
А јас, во огромни болки, стоев и чекав.
Повторно ја сретнав истата чистачка, која повторно ми се развика дека кај мене нашла многу ѓубре и ме праша дали и дома сум била толку неуредна.
А во собата немав ништо освен шише вода и неколку таблети.
Не можев повеќе да чекам.
Заминав.
Сестрата дури тогаш забележа дека постојам и трчаше по нас до автомобилот за да потпишам дека заминувам на сопствено барање.
За, ако нешто ми се случи, да бидат покриени.
Заминавме за „Систина“.
На вратата ме чекаше човек кој за мене ќе остане од Бога испратен спасител — д-р Јосиф Ѓорески.
Веднаш ме примија во родилната сала.
И покрај огромниот ризик, добив терапија, грижа, разбирање, соодветни испитувања и психолошка поддршка — сè она што му е потребно на човек во момент кога му се руши светот.
И така, почитувано Министерство за здравство и почитуван Министере, заврши мојата бременост.
Бременост за која верувам дека од Бога била прекината.
Но, начинот на кој се однесуваше системот придонесе оваа загуба да биде многу потешка и многу потрауматична отколку што мораше да биде.
Јас не барам сожалување.
Не барам ниту одмазда.
Не сакам да им попречувам на никого во кариерата.
Нема да ги тужам.
Не затоа што сметам дека немам право.
Туку затоа што не сакам никому да му го одземам она што јас верувам дека само Бог може да го одземе.
Но имам право да зборувам.
Имам право да кажам што ми се случи.
И имам право да прашам:
Дали вака треба да изгледа здравството во кое десет години и самата јас служам?
Дали една бремена жена мора да крвари, да трпи неподносливи болки и да моли за помош за некој да ја сфати сериозно?
Дали пациентот треба да бара „врски“ за да добие лекарски преглед?
Дали во најтешкиот момент од животот треба да се чувствува како товар?
Јас не велам дека секој лекар е ваков.
Напротив.
Во ова мое ужасно искуство запознав и прекрасни луѓе.
Затоа сакам јавно и од срце да им се заблагодарам на сите кои се обидоа да помогнат.
На мојата д-р Захарија, на д-р Устијаноски, на сестра Тања, на д-р Радмила Здравеска, на д-р Ана Илкоска, како и на директорот на Водовод Јованчо Мечкароски и пратеникот Јован Јаулески — за грижата, ангажманот, телефонските повици и напорот да направат сè што можат за мене.
Ви благодарам од срце.
А на Министерството за здравство му порачувам:
Не барам привилегија. Барам систем во кој никој нема да мора да бара привилегија за да биде спасен.
Зашто зад секој пациент стои човек.
Зад секоја трудница стои мајка.“
Нејзиното сведоштво завршува со најтешката последица – загуба на плодот.
Шавреска случајот го изнесе јавно со барање надлежните институции да утврдат што се случувало во секоја од здравствените установи во кои побарала помош и дали сите медицински постапки биле преземени навремено.
Станува збор за нејзино лично сведоштво и тврдења за постапувањето на здравствените установи. Во јавно објавените информации за случајот засега не е наведена официјална реакција од институциите или од здравствените установи што ги посочува.

