ЦДУ победи во Долна Саксонија, АфД повеќе од тројно го зголеми резултатот

Христијанско-демократската унија, ЦДУ, на германскиот канцелар Фридрих Мерц освои најмногу гласови на локалните избори во Долна Саксонија, но изборите донесоа силен раст на крајнодесничарската Алтернатива за Германија, АфД.

Според прелиминарните официјални резултати, ЦДУ освои 27,2 отсто од гласовите и остана најсилна партија, иако загуби 4,5 процентни поени во споредба со локалните избори во 2021 година.

Социјалдемократската партија, СПД, која ја предводи покраинската влада, е втора со 24,6 отсто и бележи пад од 5,4 процентни поени.

Најголем раст забележа АфД. Партијата освои 15,9 отсто од гласовите, наспроти 4,6 отсто во 2021 година, со што повеќе од тројно го зголеми резултатот и стана трета политичка сила на локално ниво во Долна Саксонија.

Зелените освоија 14,1 отсто, Левицата 6 отсто, додека либералната ФДП падна на 3,7 отсто.

Резултатот доаѓа само една недела по големата победа на АфД на покраинските избори во Саксонија-Анхалт, каде партијата освои речиси 44 отсто од гласовите. Локалните избори во Долна Саксонија затоа се следеа и како нов тест за расположението на германските гласачи кон владата на Мерц.

Иако ЦДУ остана прва, претседателот на партијата во Долна Саксонија, Себастијан Лехнер, призна дека незадоволството од федералната влада било силно присутно и во локалната кампања. Тој оцени дека по претстојните покраински избори ќе бидат потребни политички промени во Берлин.

На изборите право на глас имаа околу 6,3 милиони граѓани. Покрај локалните совети, се одржаа и 395 директни избори за градоначалници и окружни управители

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?