Патник врзан со селотејп за седиште среде лет

Лет на American Airlines од Далас кон Њуарк се претворил во хаотична сцена откако 67-годишен патник од прва класа, според сведоци, почнал да навредува други патници и членови на екипажот, а потоа станал и физички агресивен.

Инцидентот се случил на 3 септември на летот AA618. Патникот, идентификуван како Лејн Артур Лундин, агент за недвижности од Аризона, наводно почнал гласно да вика и да упатува расистички и хомофобни навреди. Во еден момент, според сведоците, физички нападнал и патник кој седел до него.

Во ситуацијата интервенирале двајца патници, меѓу кои и пензиониран полицаец, кои заедно со кабинскиот персонал успеале да го совладаат. Екипажот им дал пластични врски, а бидејќи Лундин продолжил да се спротивставува, бил прицврстен за седиштето и со широка леплива лента.

Според сведоштвата, тој во текот на борбата каснал еден од патниците кои се обидувале да го задржат. Последните околу 15 минути пред слетувањето ги поминал врзан за седиштето.

Поради инцидентот, пилотот го пренасочил авионот кон меѓународниот аеродром Балтимор-Вашингтон. По слетувањето, Лундин бил приведен, а летот подоцна продолжил кон Њуарк. American Airlines потврди дека авионот бил пренасочен поради проблематичен патник и соопшти дека не толерира насилство во своите авиони.

Против Лундин се поднесени обвиненија за напад од втор степен и нарушување на јавниот ред и мир. Случајот го истражува и ФБИ, кој треба да утврди дали има основа и за федерални обвиненија.

Последиците за него не завршиле со полициското приведување.

Лундин бил поврзан со компанијата за недвижности Long Realty во Аризона. Откако компанијата дознала за инцидентот, веднаш ја прекинала соработката со него, наведувајќи дека ваквото однесување е спротивно на вредностите на фирмата.

Според компанијата, агентите за недвижности работат како независни соработници, па попрецизно е да се каже дека Long Realty ја прекинала деловната врска со Лундин, отколку дека формално добил отказ.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?