Др. Трбушиќ: За успешен систем на трансплантација на органи треба поголема јавна свест

Доктор Матиас Трбушиќ, познат кардиолог од Хрватска, кој е меѓу водечките експерти во областа на срцевата трансплантација, сподели драгоцени информации за развојот на трансплантацијата на органи, со посебен фокус на разликите помеѓу Хрватска и Северна Македонија. Трбушиќ, кој неодамна учествуваше во образовни програми за кардиолози во Северна Македонија, истакна дека Хрватска веќе долго време е лидер во областа на трансплантацијата на срце во Европа, што ја прави земјата пример за многу други европски нации.

Хрватска како лидер во трансплантацијата

Трансплантацијата на органи во Хрватска започнува сериозно во 1988 година со првата трансплантација на срце во поранешна Југославија. Оттогаш, значително се напредувало во подготовката на пациентите пред трансплантација, нивното управување и пост-трансплантациската нега. Клучен момент во успехот на Хрватска е зголемената стапка на преживување на пациентите, благодарение на новите лекови за имунопресија кои помагаат да се спречи одбивањето на органот. Со новите протоколи и напредни дијагностички алатки за рано откривање на одбивањето на органот, успешно се подобрени резултатите од трансплантацијата. Во Хрватска постојат два клинички болнички центри кои се вклучени во трансплантација на срце, што создава здрава конкуренција и постојан иновациски процес во областа. Ова ја поттикнува конкуренцијата за привлекување на пациенти од периферните болници, што ја подобрува и рекрутатацијата на пациенти и грижата за нив.

Трбушиќ нагласи дека Хрватска е една од водечките земји во Европа во однос на трансплантација на срце, а ова се должи на високиот степен на трансплантација по милион жители. Земјата редовно ги надминува многу поголеми и економски посилни земји во Европа. Во 2024 година, во Хрватска биле направени 40 срцеви трансплантации, вклучувајќи три трансплантации срце-бубрег и две срце-црн дроб трансплантации. Системот за трансплантација во Хрватска е широко признат како модел за најдобра пракса и често се цитира како пример на меѓународно ниво. За 2023 година, вкупниот број на трансплантации бил 47, во земја со околу 4 милиони жители.

-Хрватскиот модел е често споменуван како пример за најдобра пракса во оваа област, а успехот може да се припише на неколку клучни фактори. Прво, земјата има добро организирана национална мрежа за трансплантација, со јасни протоколи и силна координација меѓу болниците. Исто така, клучна улога играат координаторите за трансплантација, кои активно комуницираат со семејствата на потенцијалните донори. Јавната свест за донорството е висока, а поддршката од различни сфери, вклучувајќи ја и религијата и културата, создава поголема прифатливост на оваа важна тема. Членството на Хрватска во Eurotransplant овозможува побрза и поефикасна размена на органи меѓу земјите-членки, вели тој за Рацин.мк.

Трансформација на системот во Северна Македонија

Според докторот Трбушиќ, Северна Македонија направи значителен напредок во развојот на својот систем за трансплантација на органи, но предизвиците сѐ уште се присутни.

-Главната причина за ниските стапки на донорство е ограничената јавна свест и мал број на регистрирани донори. Потребно е повеќе инвестирање во специјализирани трансплантациски тимови, опрема и инфраструктура. Можностите за напредок лежат во поблиската соработка со искуствени трансплантациски центри, како што се оние во Хрватска и Словенија, како и прифаќање на најдобрите европски практики. Клучен фактор е формирање на добро структурирана национална координација за трансплантација, која ќе овозможи поефикасна набавка и дистрибуција на органите. За земја со популација од околу 1.85 милиони, пронаоѓањето соодветни и биокомпатибилни органи на време претставува предизвик, но централизираната координација може да го намали времето на исхемија, што ќе ја подобри успешноста на трансплантацијата. Заедничката работа меѓу медицинските професионалци и кардиолозите е важна за брзо препознавање и препраќање на пациенти за напредни третмани, вели доктор Трбушиќ.

Според него клучниот фактор за успешноста на трансплантацијата е добра национална координација, што вклучува централизирано управување со органите и помош во нивното брзо и безбедно транспортирање. Трбушиќ исто така напомена дека е потребно подобро ангажирање на кардиолозите за рано идентификување на пациенти кои имаат потреба од напредна терапија како LVAD и срцева трансплантација.

Клучни препораки за подобрување на системот

Врз основа на искуството на Хрватска, др. Трбушиќ предлага неколку клучни препораки за унапредување на трансплантацискиот систем во Северна Македонија вклучуваат воспоставување на централизирана комуникација меѓу болниците и поефикасна распределба на органи, потоа јавната едукација за значењето на донирањето органи е исто така клучна.

-Потребни се кампањи преку медиумите, лични приказни и активности во заедницата можат да помогнат во разјаснување на митови и зголемување на бројот на донори. Вклучувањето на верските заедници може да помогне во решавање на етичките дилеми, додава тој,

Според др. Трбушиќ инвестирањето во обука за трансплантација и подобрување на здравствената инфраструктура е од суштинско значење за зголемување на квалитетот на грижата и резултатите.

-За време на мојот престој овде, видов дека надеж за развој на трансплантациската програма даваат високо мотивираните професионалци кои веќе постигнуваат одлични резултати во кардиологијата, кардиохирургијата и други медицински области. Освен што ги споделив своите искуства, имав можност и многу да научам од нив. Сведочев за силна посветеност кон медицинската едукација и обука на младите лекари. На пример, го посетив Центарот за медицинска симулација во Скопје, кој е изграден според високи европски стандарди.Создавањето транспарентен систем за распределба на органи и почит кон семејствата на донорите се клучни за градење доверба во системот. Покрај тоа, системот не треба да се потпира само на почетниот ентузијазам. Северна Македонија се стреми да изгради добро организиран систем со јасни цели и ресурси за да обезбеди одржлив раст и успех, додава тој.

Др. Трбуши вели дека националната координаторка проф. Билјана Кузмановска покажала извонредна енергија, експертиза и решителност во надминување на предизвиците, што е од суштинско значење за успехот на трансплантациската програма.

-Затоа, искрено верувам во иднината на трансплантационата медицина во оваа убава и гостопримлива земја. Посветените медицински професионалци на Северна Македонија се уште една причина граѓаните да останат и заедно да придонесуваат за изградба на посилен здравствен систем и општество, заклучува тој.

Соња Танеска

Зачлени се на нашиот е-билтен