Поскапуваат угостителските услуги – цените се зголемени за 6 отсто за една година
Цените на угостителските услуги во земјата продолжуваат да растат. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во февруари 2025 година е забележано зголемување од 0,4 % во споредба со јануари истата година.
Анализата на годишно ниво покажува уште позначителен раст – 6 % во однос на февруари 2024 година. Ова значи дека граѓаните денес плаќаат повеќе за храна и пијалоци во рестораните и кафулињата отколку пред една година.
Кумулативно, во првите два месеци од 2025 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 5,9 % во однос на истиот период лани, додека во споредба со декември 2024 година, порастот изнесува 0,4 %.
Зголемувањето на цените во угостителството доаѓа како дел од поширокиот тренд на инфлација кој влијае врз трошоците за живот, а граѓаните сè почесто забележуваат дека омиленото кафе или ручек во ресторан е значително поскап отколку во претходните години.