Секој почеток на пролет во Берлин се одржува Меѓународниот саем за туризам (ITB), каде што се собираат сите кои сакаат да бидат дел од глобалниот туристички пазар.
Овогодишниот ITB, што се одржува од 4 до 6 март, бележи рекордни бројки со над 5.800 изложувачи од 170 земји. Истражувањата покажуваат дека Германците, и покрај инфлацијата, не планираат да штедат на патувања.
Директорот на Хрватската туристичка централа во Франкфурт, Ромео Драгичио, вели дека цените во Хрватска се споредливи со останатите медитерански дестинации, но признава дека дел од германските туристи почнуваат да бараат поевтини алтернативи.
Оваа година земја-партнер на ITB е Албанија, која привлекува сè повеќе германски туристи со значително пониски цени. Додека пред неколку години ја посетуваа неколку десетици илјади Германци, минатата година бројката достигна 350.000, со годишен раст од 15%.
Црна Гора, која се наоѓа меѓу туристичката велесила Хрватска и „новата ѕвезда“ Албанија, се обидува да го искористи својот поволен ценовен статус.
„Туристите на кои Хрватска им е прескапа, можат да продолжат до Црна Гора, каде што ќе најдат пониски цени“, вели Михаел Бадер од Германско-црногорската стопанска комора.
Како дел од стратегијата за привлекување туристи, годишната карта за сите национални паркови во Црна Гора чини само 13,50 евра, додека еднодневниот билет за Плитвичките езера во Хрватска е 40 евра.
Босна и Херцеговина годинава има поголем штанд и нуди разновидност – од скијање на северот, верски туризам во Меѓугорје, културниот богат град Мостар, до единствениот приморски град Неум.
Србија во Берлин се фокусира на гастрономски туризам, по добивањето на првите две Мишелинови ѕвезди и 23 ресторани на Мишелиновата листа. Директорката на Туристичката организација на Србија, Марија Лабовиќ, нагласува дека земјата сака да привлече повеќе германски туристи, чии бројки моментално се околу 130.000 годишно.
Иако туристичките работници се оптимисти, најавите за намалување на бројот на летови за 19% во споредба со 2019 година и зголемените аеродромски такси може да предизвикаат поскапување на авионските билети.
Македонската презентација во Берлин се одржува во соработка на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот со рекорден број коегзибитори, тур-оператори и хотелиери.
Од Агенцијата посочуваат дека германскиот туристички пазар станува приоритетен, поткрепено со фактот дека туристите од Германија се во првите пет по престој во земјава, со остварени 38 илјади туристички посети и 75 илјади ноќевања и реализиран 8-процентен раст забележан минатата година.