Германската економија веќе три години останува под нивото од 2019 година, покажува студијата на Институтот за германска економија во Келн (IW), цитирана од Ројтерс. Пандемијата на ковид-19, војната во Украина и други геополитички превирања ја чинеле Германија 735 милијарди евра во изминатите пет години.
Според извештајот, економските загуби ги надминале сите претходни кризи во последните 25 години. Во периодот 2001-2004, тие изнесувале 3,4% од БДП, додека по финансиската криза од 2008-2009 година биле 4,1%. Денес, загубите достигнуваат 4,3% од БДП, што ја прави оваа криза најтешка за Германија од нејзиното повторно обединување.
Вкупните загуби во приватната потрошувачка се проценуваат на 470 милијарди евра, што е околу 5.600 евра по жител.
„Коронавирусот и војната во Украина речиси целосно ја парализираа инвестициската активност на компаниите. Ова ќе го намали производствениот потенцијал на Германија уште многу години“, предупредува Мајкл Греминг, економист во IW.