Францускиот претседател Емануел Макрон вели дека мировниот договор во Украина не може да се постигне „под руски диктат“, бидејќи мирот не може да се постигне со капитулација на Украина.
„Мора да продолжиме да им помагаме на Украинците да се спротивстават додека не можат да преговараат за цврст мир со Русија за себе и за сите нас. Затоа патот кон мирот не може да вклучува напуштање на Украина. Сосема спротивно. Мирот не може да се постигне по секоја цена и под руски диктат. Мирот не може да биде капитулација на Украина. Тоа не може да биде нејзин колапс. Тоа не може да значи ниту кревок прекин на огнот“ изјави Емануел Макрон, претседател на Франција
Макрон ова го кажа во синоќешното обраќање, предупреди и дека сака да верува дека САД ќе остане покрај Европа, но дека Европа мора да биде подготвена и ако тоа не биде случај.
Официјална Москва возврати на критиките на Макрон. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков го нарече обраќањето на Макрон крајно конфронтирачко.
Во пртесрет на денешниот самит во Брисел на кој Украина е главна тема, Соединетите држави донесоа одлука да ја прекинат размената на разузнавачки информации со Украина, што почна уште во првите денови на руската инвазија пред три години. Аналитичарите оценуваат дека иако не беше детално опишано што точно подразбираше оваа размена, секој прекин ќе има катастрофално влијание врз способноста на Украина да се брани.
Францускиот министер за одбрана потврди дека Франција и обезбедува воено разузнавање на Украина.
Како одговор на промената на надворешната американска политика кон Украина, кратењето на американската помош и игнорирањето на Европа, европските лидери се среќаваат денеска на вонреден Самит во Брисел на кој главна тема се Украина и безбедноста на Европа. На самитот е поканет и украинскиот претседател Володимир Зеленски.