Бројот на заболени од грип во земјава е во опаѓање, но според Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), тој останува значително повисок во споредба со истиот период минатата година и изминатите сезони.
Од 24 февруари до 2 март годинава се регистрирани 2 569 случаи, што е за 15,4 отсто помалку од претходната недела кога имаше 3 035 случаи. Сепак, бројот на заболени е четирикратно зголемен во однос на истиот период лани и за 38,4 отсто повисок споредено со последните 14 сезони, информира директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска.
Најмногу заболени има во Скопје (515 случаи), Битола (236) и Куманово (203), а висока активност на вирусот оваа недела е регистрирана во Дебар, Кратово и Свети Николе.
Од почетокот на сезоната досега се регистрирани четири смртни случаи од компликации поврзани со грипот, последниот од минатата недела, кога на Клиниката за пулмологија починала жена над 65 години со коморбидитети.
Според ИЈЗ, вакцинацијата против сезонски грип останува најефикасната заштита од ова заболување.