Биткоинот доживеа пад во понеделник, продолжувајќи ја својата нестабилност по извршната уредба на претседателот Доналд Трамп за формирање на стратегиска резерва на биткоини за САД.
Според податоците на Coin Metrics, цената на биткоинот се спушти на 81.712 долари, што претставува намалување од повеќе од 5%, но сè уште е над претходните најниски нивоа.
Стратегиската резерва ќе се финансира со биткоини запленети во судски постапки, без планови за дополнителни владини набавки. Оваа одлука, објавена минатиот четврток, доведе до пад на крипто-пазарот, бидејќи инвеститорите очекуваа поагресивен пристап.
Другите криптовалути исто така регистрираа загуби – ether и XRP паднаа за околу 7,5% во утринските часови по сингапурско време, објави Seebiz.
И покрај моменталниот пад, некои аналитичари сметаат дека ова е позитивен чекор на долг рок.
– Пазарот прави грешка – изјави Мет Хуган, главен инвестициски директор во Bitwise Asset Management за CNBC.
Тој нагласи дека разочарувањето доаѓа од тоа што владата не објави директна набавка на 100.000 или 200.000 биткоини.
Дополнително, советникот за крипто и вештачка интелигенција во Белата куќа, Дејвид Сакс, посочи дека САД ќе бараат „буџетски неутрални стратегии“ за стекнување дополнителни биткоини, без дополнителни трошоци за даночните обврзници.
– Прашањето е дали ова ја зголемува шансата биткоинот да стане геополитички значајна валута – истакна Хуган.
Тој верува дека ова може да ги поттикне и другите влади да создадат свои резерви на биткоини, што би можело значително да ја зголеми неговата вредност.
Иако крипто-пазарот сега се соочува со краткорочен пад, Хуган очекува дека наскоро ќе се стабилизира и дека долгорочно, ова ќе биде значителен поттик за биткоинот и целиот крипто-сектор.