Волците во Европа преминуваат од „строго заштитени“ во „заштитени“ животни

Европската комисија предложи промена на анексите IV и V од Директивата на ЕУ за живеалишта на животните, со кои волците од статус на „строго заштитени“ применуваат во „заштитени“ животински видови, согласно измените на Бернската конвенција на Советот на Европа, што стапија во сила во петокот.

Со Предлог-измените, како што соопшти Еврокомисијата, на земјите членки на ЕУ ќе им се даде „дополнителна флексибилност во управувањето со нивните локални популации на волци“, со цел да можат да преземат мерки кои се добро прилагодени на регионалните околности.

  • Земјите членки се уште ќе имаат можност да одржат повисоко ниво на заштита на волкот, доколку се смета дека тоа е неопходно според националното законодавство, се наведува во соопштението.

ЕК најави и дека преку финансирање и други форми на поддршка, ќе продолжи да им помага на земјите членки и на засегнатите страни во дизајнирањето и спроведувањето на соодветни мерки за спречување на штетите што би можеле да ги предизвикаат волците.

По повод ваквиот предлог, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен посочи дека тој доаѓа во време кога глутниците волци во некои европски региони „станаа вистинска опасност, пред се за добитокот“.

  • Предлагаме промена на законодавството на ЕУ што ќе им помогне на локалните власти активно да управуваат со популациите на волци, притоа штитејќи ги и биодиверзитетот и нашите рурални средства за живот, нагласи Фон дер Лајен.

Предлогот на Европската комисија следи откако Постојаниот комитет на Бернска конвенција за зачувување на европскиот див свет и природните живеалишта, во вторникот го прифати на Амандманот на ЕУ со кој статусот на волците во документот се намалува од „строго заштитени“ во „заштитени“ животини.

Амандманот на ЕУ го поддржаа сите нејзини земји членки, како и Северна Македонија, Андора, Грузија, Ерменија, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Норвешка, Србија, Украина и Швајцарија. Против предлогот на ЕУ се изјаснија Албанија, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Монако и Црна Гора, а Тунис и Турција беа воздржани.

Усвојување на Амандманот, Фон дер Лајен го поздрави како „важна вест за нашите рурални заедници и земјоделци“. Прифаќањето на Амандманот беше оценето како лична победа на Фон дер Лајен, имајќи предвид дека нејзиниот пони коњ Доли угина при напад од волк во 2022 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен