Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) побара помош од Европската и Меѓународната конфедерација на синдикати, како и од сродни синдикални организации, поради, како што велат, организиран притисок врз синдикатот од страна на Владата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Според претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, власта врши директен упад во синдикалното организирање преку раководители во јавните институции и претпријатија, кои се обидуваат да ги одвратат вработените од ССМ и да ги префрлат во Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС).
Тој обвини дека целта е да се одземе репрезентативноста на ССМ во Економско-социјалниот совет, со што би се ограничиле барањата за зголемување на минималната плата. Дополнително, Трендафилов тврди дека се прават обиди за враќање на поранешниот лидер на ССМ, Живко Митревски, кој, според него, бил близок до владејачката партија.
„Сакаат синдикат кој ќе молчи пред политичките елити и функционерите. Но, ние нема да дозволиме враќање во времето кога синдикатот беше под контрола на власта“, изјави Трендафилов.
Тој истакна дека Владата свесно го блокира процесот на утврдување на репрезентативноста на ССМ, иако уште во декември синдикатот доставил докази дека застапува најмалку 10% од вработените во државата.
ССМ најавува зголемени активности и притисок врз Владата, вклучително и одржување на седници на претседателството пред Владата и работодавачките организации, со цел да се избори за зголемување на минималната плата и платите во јавниот сектор за 12,6%.
„Доколку не наидеме на слух, на 2 и 7 април ќе излеземе на протести, како што тоа го направивме и минатата година“, предупреди Трендафилов.
Тој нагласи дека ССМ останува отворен за дијалог со Владата, но ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека ја применува истата политика на синдикално задушување како и во минатото. Според него, ваквите упади се карактеристика на авторитарни режими, споредувајќи ја ситуацијата со Белорусија.