НАТО целосно ги поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и порачува дека мора да се почитува Дејтонскиот мировен договор, како камен темелник на мирот во земјата, истакна денеска во Сараево генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте.
- Секоја активност што ги поткопува Дејтонскиот договор, уставниот поредок или националните институции, е неприфатлива. Поттикнувачката реторика и активности се опасни. Тие претставуваат директна закана за стабилноста и безбедноста на Босна и Херцеговина, истакна Руте по средбата со членовите на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, Жељко Комшиќ и Денис Беќировиќ.
Руте ги повика политичките лидери на Босна и Херцеговина да ја преземат својата одговорност за решавање на проблемите, што, како што рече, ќе и помогне за придвижување напред не само на земјата, туку и на регионот и на цела Европа.
- Слушам загриженост за безбедносната ситуација. Но, да бидеме на јасно дека ова не е 1992 година и нема да дозволиме да се појави безбедносен вакуум. Меѓународната заедница е тука и посветена на продолжување на нашата силна поддршка, рече Руте.
Тој додаде дека НАТО заедно со своите меѓународни партнери, вклучително и Европската Унија, ќе продолжи да ја поддржува БиХ на нејзиниот европски и евроатлантски пат, но дека од суштинско значење е и политичките лидери на земјата да придонесат во тие напори.
- Целиот регион ќе има корист од вистинската заложба за помирување и траен мир. Истото им го порачувам на сите актери во регионот, рече Руте, додавајќи дека почитувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ, онака како што се утврдени со Дејтонскиот договор, е фундаментално и за безбедноста и за стабилноста на целиот регион.