Електрични автомобили ќе се произведуваат во Србија

Кинеската компанија Jiangling Group Electric Vehicle (JMEV) ќе гради фабрика за електрични возила во Сремска Митровица, а првата производна серија се очекува следната година.

Потврда на овие информации даде компанијата JMEV преку западни медиуми. Според нив, почетокот на изградбата на погоните во Сремса Митровица се очекува во текот на летото.

Како што изјави Бранка Зјалиќ, носителка на проектот JMEV, планот е компанијата да вработи исклучиво работници од Србија.

„Околу висината на инвестицијата ќе се решава во следните два месеца, во зависност од тоа дали ќе произведуваме 3.000 или 5.000 возила годишно“, рече Зјалиќ.

Според неа, кинеската компанија се одлучила за Србија поради добрите економски односи и со Кина и со Европската унија. Таа истакна дека ќе бидат потребни најмалку 300 работници за производство на 3.000 возила, а кинески инженери ќе бидат присутни на почетокот за да ги обучат работниците.

Долгорочната цел на JMEV е да извезува возила во Европската унија без царински такси. Компанијата сака да влезе на српскиот пазар, да започне производство во Србија и со текот на времето да најде партнери од Србија и регионот за да се произведуваат што повеќе делови во Србија, наместо да се увезуваат од Кина. Возилото произведено во Србија ќе може да се извозува во ЕУ без големи такси.

Зјалиќ истакнува дека градот Сремска Митровица се обврзал да обезбеди неопходна инфраструктура – приклучоци за струја и други комунални услуги, додека не се разговарало за дополнителни субвенции.

И покрај сé, електричните автомобили сè уште не го надминаа традиционалниот модел со мотори со внатрешно согорување. Европската регулатива, иако поставува построги еколошки стандарди, го пролонгира рокот за целосна транзиција на електрични возила.

Според последните информации од Европската комисија, користењето на бензинските и дизел мотори ќе биде дозволено уште најмалку три години подолго отколку што беше првично планирано.

Иако електричните возила се сè побарувани, продажбата во Србија сè уште е на ниско ниво, со удел од околу еден отсто на вкупниот пазар. Главниот предизвик сè уште е недоволно развиената инфраструктура за полнење, што го ограничува користењето на електрични автомобили при подолги патувања.

Зачлени се на нашиот е-билтен