Според најновите податоци објавени од Народната банка на Македонија, македонскиот банкарски сектор за 2024 година остварил вкупен профит од 283 милиони евра (прецизно 282,8 милиони евра), што претставува значително зголемување од 50,3 милиони евра во однос на претходната година.
Од вкупниот профит, петте најголеми банки во земјата учествуваат со 250 милиони евра. За потсетување, најголемата банкарска тројка – Комерцијална банка, Стопанска банка Скопје и НЛБ банка – оствариле заедно 191,4 милиони евра.
Во 2023 година, петте најголеми банки имале профит од 211 милиони евра, што значи дека нивната профитабилност во 2024 година се зголемила за 39 милиони евра.
Средните банки забележале профит од 24,3 милиони евра, што претставува раст од 5 милиони евра, додека малите банки, кои се пет на број, профитирале со 8,7 милиони евра, што е зголемување од 6,6 милиони евра во однос на претходната година.
Најголемите приходи за банките доаѓаат од нето-приходите од камати, кои во 2024 година изнесуваат 467,3 милиони евра, што е зголемување од 58,4 милиони евра во споредба со 2023 година. Ова ја претставува разликата помеѓу каматите што банките ги наплаќаат за кредитите и каматите што им ги исплаќаат на штедачите.
Нето приходите од провизии и надоместоци се зголемени за 8,5 милиони евра, достигнувајќи 115,1 милиони евра, додека приходите од курсни разлики изнесуваат 28,2 милиони евра, што е скоро исто како и минатата година.
Покрај тоа, останалите приходи од дејноста донеле 49,4 милиони евра, што е раст од 14,5 милиони евра во споредба со 2023 година. Овие приходи вклучуваат наплатени претходно отпишани побарувања (23,2 милиони евра) и капитални добивки од продажба на средства (12,5 милиони евра).
Најголемите расходи на банките се за резервации за лоши кредити, кои минатата година изнесувале 59,1 милиони евра, што е намалување од 15,8 милиони евра во однос на 2023 година. Ова е значителен фактор кој го подобрил профитот на банкарскиот сектор.
Трошоците за вработените изнесувале 120 милиони евра, што е зголемување од 11 милиони евра во однос на претходната година. Ова укажува на поголем фокус на подобрување на примањата на вработените во банкарскиот сектор.
Останатите трошоци од дејноста биле 131 милиони евра, што е раст од 11 милиони евра во споредба со 2023 година.
По оданочувањето, добивката на банкарскиот сектор за 2024 година изнесува 282,8 милиони евра, додека пред оданочување изнесува 321,6 милиони евра.
Овој профит значи дека банките во Македонија за 2024 година платиле 38,8 милиони евра данок на добивка.
Според податоците на Народната банка за банкарскиот сектор во земјата за 2024 година, Стопанска банка АД Скопје е банката која најмногу ги кредитира граѓаните, односно домаќинствата.
Така, од вкупните кредити на Стопанска банка Скопје, 59,9 милијарди денари се кредити одобрени на домаќинствата, а 40,7 милијарди денари се кредити одобрени на нефинансискиот сектор односно приватните компании.
НЛБ Банка е втората банка која што одобрила повеќе кредити на домаќинствата и тоа на износ од 56,7 милијарди денари, а 31,1 милијарди денари на приватните компании.
Шпаркасе банка се најде на третото место со износ за физички лица од 32,6 милијарди денари и на приватните компании 40,3 милијарди денари.
Халк Банка АД Скопје ги кредитира домаќинствата во износ од 30,1 милијарди денари, а приватните компании 42,8 милијарди денари.
Комерцијална банка одобрила 27,4 милијарди денари на домаќинствата и 47,2 милијарди денари на приватните компании.
Уни Банка со износ од 13,5 милијарди денари за физички лица, Централна кооперативна банка со износ од 6,9 милијарди денари, ТТК Банка со 3,9, Силк Роуд банка со износ од 4,1 милијарди денари за физички лица, Стопанска банка Битола со износ од 3,03 милијарди денари, се банки кои што повеќе ги кредитираат домаќинствата отколку приватните компании.
Прокредит банка одобрува 6,6 милијарди денари на домаќинствата и 27,3 милијарди денари на приватните компании.
Капитол банка одобрува 805 милиони денари кредити на домаќинствата и 1,4 милиjарди денари на приватните компании.