Во Македонија за првпат е извршена трансплантација на бубрег од мајка на дете со Алпортов синдром – ретка наследна болест што предизвикува оштетување на бубрежното ткиво и бубрежна слабост, соопшти Министерството за здравство.
По детални медицински испитувања била утврдена целосна компатибилност меѓу мајката и детето, по што лекарите процениле дека таа е соодветен жив дарител. Интервенцијата претставува значаен исчекор во третманот на пациентите со ретки заболувања, бидејќи потврдува дека со прецизна дијагностика и внимателна подготовка, трансплантацијата е изводлива и кај лица со наследни генетски болести.
Алпортовиот синдром директно ја нарушува функцијата на бубрезите и во напредна фаза наметнува потреба од дијализа или пресадување орган.
Министерот за здравство Сашо Клековски ги посети пациентите на Универзитетската клиника за урологија, каде што покрај оваа операција, деновиве беа извршени уште две трансплантации на бубрези од починат дарител. Со овие три зафати, вкупниот број на пресадени бубрези на Клиниката годинава се искачи на 15, што е пораст во споредба со целата 2025 година, кога беа реализирани 11 интервенции.
Националниот координатор за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, упати благодарност до семејството за довербата и согласноста за јавно споделување на случајот, како и до лекарскиот тим кој континуирано учествува во овие сложени оперативни зафати.

