Собранието ги изгласа измените на Законот за јавни набавки со кои се воведува користење вештачка интелигенција за откривање ризици во тендерските постапки, квалитетот станува задолжителен услов при изборот на понуди, а се зголемуваат и надоместоците за поднесување жалби.
Законските измени беа усвоени на 122. собраниска седница како дел од обврските на Македонија предвидени во Реформската агенда и Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан.
Бирото за јавни набавки добива законска основа да применува дигитални алатки и системи базирани на вештачка интелигенција. Овие решенија ќе служат за автоматско следење на постапките, навремено препознавање на ризиците и спречување евентуални злоупотреби. Дополнително, се воведува правен основ за веб-сервиси преку кои автоматски ќе се разменуваат податоци со другите релевантни институции.
Со новите законски решенија се менува и начинот на избор на понудите. Наместо досегашната практика каде што цената често беше единствен услов, се воведува задолжителна примена на критериумот „најдобар сооднос помеѓу цена и квалитет“. Државните органи и институциите ќе мора да ги земаат предвид и квалитетот и долгорочната економска оправданост на набавката.
Законот носи промени и во правната заштита. Надоместоците за поведување жалбена постапка пред надлежните органи се ревидирани нагоре, при што истовремено се врши и усогласување на вредносните прагови за примена на законските процедури со порастот на пазарните трошоци.
За постапките со преговарање без претходно објавување оглас се воведува задолжително известување за претходна транспарентност. Измените опфаќаат и унапредување на Електронскиот пазар за набавки од мала вредност, како и укинување на повторното полагање испити за службениците, за кои се воспоставува модел на континуирано професионално усовршување.

