Над 100 компании на два саема во Скопје: технологии, индустриски иновации и недвижности

Над 100 компании на два саема во Скопје: технологии, индустриски иновации и недвижности

Повеќе од 100 компании ќе учествуваат на меѓународните саеми ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026 и РЕАЛ ЕКСПО 2026, кои од 29 до 31 октомври ќе се одржат во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Покрај изложбената понуда, програмата ќе опфати конференции и панел-дискусии за технолошките иновации, енергетската ефикасност, модернизацијата на индустријата и развојот на пазарот на недвижности.


Извршната директорка на Скопски саем, Даниела Глигоровска, на денешниот медиумски брифинг истакна дека двата саема ќе ги поврзат компаниите, инвеститорите и посетителите, нудејќи можност за претставување нови технологии, производи и инвестициски проекти. Таа најави и организирани посети на студенти од техничките факултети, со цел нивно директно запознавање со компаниите и можностите што ги нуди индустријата.

На саемот ЕНЕРГО ТЕХНОМА ќе бидат претставени компании од металната и електроиндустријата, како и решенија за прочистување на водите и современи производствени технологии. Посебен акцент ќе биде ставен на дигитализацијата, автоматизацијата и примената на вештачката интелигенција во индустриските процеси.

Претставниците на Стопанската комора на Северна Македонија и Македонската асоцијација на металната и електроиндустријата (МАМЕИ) посочија дека технолошката трансформација е важна за домашните компании да ја задржат конкурентноста и да ги прошират можностите за извоз.

Извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев, предупреди дека недостигот од квалификуван кадар и брзите технолошки промени ја наметнуваат потребата од преквалификација на работниците. Без навремена подготовка за новите технологии, последиците би можеле да се почувствуваат и на пазарот на трудот и врз социјалните фондови.

Во рамките на саемската програма ќе се одржи и годишната конференција на МАМЕИ „Manufacturing 2026 – Трансформација кон иновации“, посветена на иднината на производството, дигитализацијата, циркуларната економија и можностите за финансирање на технолошкиот развој.

Организаторите најавија и поврзување на компаниите со образовните институции. Се очекуваат посети од студенти на машинските и електротехничките факултети, а упатен е повик и до училиштата и универзитетите да ги посетат саемите и да се запознаат со новите технологии и можностите за професионален развој.

Паралелно со ЕНЕРГО ТЕХНОМА ќе се одржи и саемот за недвижности РЕАЛ ЕКСПО, на кој ќе учествуваат големи инвеститори и компании од секторот. Покрај понудата на станови и деловни простори, ќе бидат претставени и проекти од Македонија и регионот. На саемот се најавени и компании од Грција и Албанија, а меѓу учесниците е и Адора, која ќе презентира проекти во Македонија, Грција и Словенија.

Двата саема ќе бидат отворени од 29 до 31 октомври во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?