Пред зимата се отвора прашањето колку ќе плаќаат граѓаните за струја по Нова година. ЕСМ веќе ги пресметува трошоците за новата продажна цена, а МЕПСО побара зголемување на тарифата за пренос за над 98 проценти, објави Телма.
Државните електрани треба до средината на ноември да ја достават анализата до Владата. Таа ќе одлучува по која цена ЕСМ од јануари ќе му ја продава струјата на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум. Сегашната изнесува 65 евра за мегават-час, а нов предлог засега не е објавен.
Во Регулаторната комисија за енергетика веќе се разгледуваат пресметките на другите компании. Електродистрибуција сè уште нема наведено колкава корекција бара, бидејќи не е завршена набавката на струја за покривање на загубите. МЕМО не бара промена.
Барањето на МЕПСО се однесува само на преносната тарифа и не значи дека сметките ќе пораснат за истиот процент. Колкав товар ќе падне врз домаќинствата ќе зависи од понудата на ЕСМ и од одлуките за мрежните трошоци. Поскапување за граѓаните сè уште не е утврдено.

