Експерти за дигитална безбедност открија дека израелската ад-тек компанија „Дискавер-тек“ масовно насочувала дигитални реклами кон корисниците на сателитскиот интернет „Старлинк“, со цел нивна географска локализација и надзор, објави Ројтерс.
Истражувачите од единицата „ТрендАИ“ на компанијата „Тренд микро“ утврдиле дека израелската фирма за рекламна технологија била меѓу најголемите извори на огласи прикажувани кај корисниците на сервисот на „Спејс-Икс“. Според извори запознаени со истрагата, дигиталните огласи најверојатно биле користени за следење на локацијата и надзор врз корисниците.
Анализата на податоците покажала дека „Дискавер-тек“ станал главен понудувач на аукциите за огласен простор насочен кон сообраќајот на „Старлинк“ во повеќе од 100 држави, вклучувајќи и територии каде што сателитската мрежа е официјално забранета или ограничена.
„Спејс-Икс“, „Дискавер-тек“ и нејзиниот извршен директор не одговорија на барањата за коментар.
Во извештајот објавен на 15 октомври, „ТрендАИ“ ја опиша активноста како операција на ентитет со кодно име „Шадоу-Ерт-79“, зад кој, според шест упатени извори, стои токму „Дискавер-тек“. Организацијата не го соопшти јавно името на фирмата, наведувајќи дека нејзиниот пристап кон атрибуција цели кон намалување на ризикот од грешки. Според изворите, раководството на компанијата се откажало од јавно именување поради правни ризици.
Следењето на корисниците на сателитски интернет станува сè почесто, бидејќи терминалите пренесуваат податоци директно преку сателити и ги заобиколуваат националните телекомуникациски регулативи. Сателитскиот сервис има критична улога во Украина, каде што армијата го користи за комуникација на фронтот и за насочување беспилотни летала.
Истиот ден кога беше објавен извештајот за „Шадоу-Ерт-79“, канадската истражувачка група „Ситизен лаб“ и американската компанија „Конфиант“ јавно ја посочија „Дискавер-тек“ за злоупотреба на процесот на наддавање за дигитални реклами. Според нивните наоди, механизмот овозможува истекување податоци што подоцна се користат за деанонимизација и инсталирање софтвер за надзор.
Како реакција на овие наоди, технолошки компании како „Гугл“ и „Комкаст“ ја отстранија израелската фирма од своите огласувачки платформи. Најмалку една американска технолошка корпорација и една меѓународна организација отворија внатрешни истраги за тоа дали нивните вработени биле цел на ваквото огласување.
Извештајот забележува сомнителни модели според кои спорниот ентитет бил најголем купувач на огласен простор во Сирија, Либија, Јемен и Јужен Судан, како и втор најголем во Авганистан, иако во тие конфликтни зони речиси нема комерцијален интерес за легитимно западно огласување.

