Министерот за финансии Петрит Малај попладнево преку објава на социјалните мрежи соопшти дека со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) е потпишан договор за долгорочен заем во вредност од 45,7 милиони евра, со многу поволни услови.
Договорот го потпишаа потпретседателот на ЕБОР Матео Патроне, кој престојуваше во Тирана и директорката на електродистрибуција, Енеа Каракачи, во рамките на Проектот за одржливост на компанијата.
„Наша цел е да ја зајакнеме финансиската стабилност преку обезбедување зелени, поевтини и поодржливи извори на финансирање, напиша Малај.
За време на средбата, министерот Малај му изразил благодарност на потпретседателот на ЕБОР, Патроне за континуираната поддршка што институцијата и ја дава на Албанија низ годините.
Ова е прва официјална посета на Патроне на Албанија во неговата нова улога како потпретседател на ЕБОР, по што ќе ја посети Црна Гора.
-Нашата работа во Албанија и Црна Гора е од витално значење бидејќи сме водечка меѓународна финансиска институција во регионот. Оваа посета ја нагласува посветеноста на ЕБОР за поттикнување на економскиот развој. Зајакнувањето на нашите партнерства и ангажирањето со претставниците на јавниот и приватниот сектор на земјите ќе понуди одлична прилика да ги продлабочиме нашите врски во регионот, изјавил пред посетата Патроне.
ЕБОР започна со работа во Албанија во 1991 година и оттогаш има инвестирано повеќе од 2,2 милијарди евра преку 159 проекти. Во 2024 година, Банката инвестираше над 200 милиони евра преку 18 проекти во земјата.